Насловна корица на единаесеттиот број на списанието „Арс академика“

Меѓународното научно списание „Арс академика“ ќе има промоција на ФДУ во Скопје

Факултетот за драмски уметности – Скопје и Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе го промовираат новиот, единаесетти број на меѓународното научно списание за изведувачки уметности „Арс академика“ (Ars Academica), кое веќе десет години претставува значајна академска платформа за современи истражувања и теоретски промислувања од областа на театрологијата, музикологијата, драматологијата, филмологијата, танцувачките и визуелни уметности, односно од областа на изведувачките уметности, воопшто.

Списанието го должи своето основање и концепт токму на заедничката, визионерска иницијатива на проф. д-р Ана Стојаноска и проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, кои ја поставија рамката за неговиот интердисциплинарен и современ карактер.

„Арс академика“ содржи научни трудови кои обработуваат актуелни, современи теми и проблематики од изведувачките уметности, со особен фокус на интердисциплинарноста, новите методолошки пристапи и развојот на критичка мисла во уметничките и теориските практики. Трудовите се рецензирани од домашни и меѓународни експерти од областа.

Во новиот број се застапени автори чијашто работа носи нови научни увидувања и анализи: Евица Тасеска-Каранфилова, Илија Циривири, Милчо Узунов, Биљана Тануровска-Ќулавковски, Сашо Кокаланов, Деспина Ангеловска, Сашо Димоски и Елизабет Колевска.

Тие разработуваат актуелни теми од продукциските практики, интеркултурните и миграциските процеси, современите театарски и филмски модели, како и новите танцови и едукативни методологии. Овие трудови, засновани врз конкретни примери, студии на случај и аналитички пристапи, го прикажуваат виталниот развој на изведувачките уметности и нивната трансформација во современиот културен контекст.

Промоцијата на единаесеттиот број ќе се одржи на 11 декември 2025 година, во 18 часот, на сцената на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Настанот ќе ја одбележи успешната децениска соработка меѓу двата факултета и ќе ја потенцира важноста на списанието за академската и уметничка заедница како релевантен научен ресурс и единствен простор за интердисциплинарна размена на идеи и современи истражувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот