Медиумска војна за ТВ дуел: Заев му порача на Мицкоски дека допрва ќе се поти пред камерите

ТВ соочувања со Заев имало и ќе има. Допрва извршителот Мицкоски ќе се поти пред камерите. Ова е одговорот на СДСМ до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за поканата на ТВ дуел со Заев.

На Фејсбук поканата за ТВ дуел на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски до лидерот на СДСМ Зоран Заев, пи-ар службите на социјалдемократите возвратија дека ТВ соочувања со Заев имало и ќе има и дека извршителот на Груевски, Христијан Мицкоски секогаш завршувал поразен.

– Допрва извршителот Мицкоски ќе се поти пред камерите, пред граѓаните. Не успеа да го одбрани криминалот на неговиот шеф, Никола Груевски, не успеа неговиот обид да ја спречи правдата, не успеа да го попречи членството во НАТО и ЕУ. Извршителот Мицкоски е очаен губник, покорен од сите негови порази, стои во соопштението.

Од СДСМ велат и дека во изминативе 2,5 години за сите успеси што се случиле биле благодарени на Заев и СДСМ.

„Од „заробена држава“ за само 2,5 години станавме светол пример во регионот, 30-та земја членка на НАТО, слободна, демократска, економски напредна држава. Економијата од -1,8 отсто во времето на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ порасна и до +4 проценти, платите се зголемија во сите сектори, минималната плата ја покачивме за 60 отсто, пензиите за 700 денари, социјалната помош за 300 отсто, отворивме 60 илјади нови работни места, а невработеноста ја намаливме на историски најниски 17 проценти“.

Во сооштението уште стои дека во изминативе 2,5 години, Заев и СДСМ покажале дека биле транспарентни, отчетни и подготвени за дебата како со политичките противници, така и со стручната јавност и новинарите.

-Тоа беше незамисливо за време на 11 годишниот режим на ВМРО-ДПМНЕ во кој Мицкоски беше најнеуспешен директор на ЕСМ кој ја поскапе струјата за 100%. Извршителот Мицкоски чекор назад, претседателот Зоран Заев три чекори напред!

– Затоа Мицкоски нека се подготви за нов пораз, а најголемиот го следи на 12 април – соопшти СДСМ.

Одговорот на СДСМ следи откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Фејсбук профилот напиша дека до сега добил две понуди за ТВ дуел со неговиот противник, лидерот на СДСМ Зоран Заев. Напиша дека понудите за гостување ги прифатил бидејќи не бегал од соочување со вистината.  Го повика Заев да го прифати ТВ дуелот бидејќи народот чекал од Заев да слушне зошто градел кариера врз лаги.

– Но и да зборуваме за мојата, нашата заедничка визија…да докажам дека наспроти лажните ветувања за живот, постои неопходност од обнова која ќе донесе повеќе за секого. Која ќе донесе повисоки плати за 25 отсто, повисоки пензии за 20 отсто, капитални државни инвестиции над 90 отсто секоја година, 4 милијарди домашни и странски инвестиции, едноцифрена невработеност и пониски даноци и трошоци за народот – напиша Мицкоски на Фејсбук.

Мицкоски го повикува Заев на ТВ дуел

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот