Фото: Призма

Мажот доби предност пред трите жени кандидатки: Ненад Савески владин предлог за државен обвинител

Поранешниот јавен обвинител и актуелен судија во Кривичниот суд доби предност пред обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ

Ненад Савески, судија од Кривичниот суд, е предлогот на Владата за нов државен јавен обвинител. Тој по изборот во Собранието ќе седне на местото на обвинителот Љупчо Коцевски, кој поднесе оставка во декември лани, пред Собранието до отпочне расправа за негово разрешување. Савески беше единствениот кој заедно со три обвинителки доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители за кандидатура за државен обвинител.

Тој е поранешен јавен обвинител, а како судија во Кривичниот суд ги суди случаите од организиран криминал и корупција. Покрај нему, Советот на обвинители во февруари им даде позитивна оценка и на обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ. Иако формално беше во трка, премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5 рече дека Ристоска не е во игра за шеф на републичкото обвинителство.

Мицкоски вели дека само Ленче Ристоска испаднала од владиниот список за нов државен обвинител

Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар, оженет е и е татко на три деца.
Магистер е по правни науки – казнено право. Правосудниот испит го положил во 2003 година, а од 2016 година е судија во Кривичен, во одделот за организиран криминал и корупција. Од 2009 до 2016 година работел како обвинител во Основно јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во тој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.
Савески е и предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата „Хелп“ на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и за кривично право. Тој е автор и коавтор на повеќе трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации. Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.

Јавно соочување на кандидатите за обвинител – предлог да се избере најквалитетниот, а не најподобниот

Паралелно со предлогот на Владата за нов државен јавен обвинител, во Собранието со 75 гласа „за“ и ниту еден „против“ ја утврди потребата од донесување на Предлог-законот за јавното обвинителство, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура. За законот пратениците изгласаа и дека ќе има јавна расправа. Образложувајќи го Предлог-законот, министерот за правда Игор Филков рече дека со новото законско решение се врши сеопфатна модернизација на организацијата, надлежностите и функционирањето на јавнообвинителскиот систем, со цел поефикасна борба против криминалот и корупцијата и зајакнување на владеењето на правото.

– Со овој закон создаваме услови за поефикасно, потранспарентно и поодговорно функционирање на Јавното обвинителство. Нашата цел е да изградиме систем во кој ќе владеат професионалноста, мерит-системот и отчетноста, а граѓаните ќе имаат поголема доверба во правосудството – рече Филков.

Тој додаде дека Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Советот на јавните обвинители, бил доставен на мислење до Венецијанската комисија, која даде позитивно мислење со неколку препораки што се веќе вградени во финалниот текст.

– Воведуваме поефикасен систем на оценување на обвинителите, јасни критериуми за професионалност и квалитет на одлуките, како и подобра организација на предметите и зајакнување на истражните центри со цел поефикасни истраги – рече министерот.

Се зајакнува транспарентноста во постапката за избор на јавниот обвинител преку јавна седница на Советот на јавни обвинители, презентација на програмите на кандидатите и јавно објавување на нивните биографии. Со новиот Предлог-закон се воведува и појасна и поефикасна дисциплинска постапка, со рокови за постапување и механизми за спречување злоупотреби на дисциплинските постапки, додаде Филков.
Опозицискиот СДСМ смета дека е добро што почнува реализацијата на еден од законите од реформската агенда иако Владата доцни со роковите.

– Се ближи годишнината од трагедијата во Кочани, тогаш сите политичари изјавуваа дека имаме обврска да го промениме системот, а тоа не може ако нема радикални промени. Ставот на СДСМ е дека има потреба од нов закон за Јавно обвинителство бидејќи е еден од законите од реформската агенда, но има низа забелешки кои сметаме дека низ собраниска процедура треба да бидат сериозно разгледано и прифатени. Ако сите се повикуваме дека 2 отсто е довербата во правосудниот систем, министре, треба да бидете по храбри во носење на законски решенија, ако треба и Уставот да се отвори за на граѓаните да им кажеме дека сме направиле сериозна реформа. Козметиката нема да ги оправда очекувањата на граѓаните.
Не може да стане збор за јакнење на Јавното обвинителство, а се повикуваме на реформа за намалување на критериумите за избор на јавните обвинители. Намалување на критериумите не значи напредување на системот и компетенциите на одговорност. Ќе поднесеме амандмани и очекувам да бидат прифатени – рече Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски му реплицираше дека законот се носи во редовна процедура, дека ќе има јавна расправа и ќе нема злоупотреба на европското знаменце.

-Претходната влада донесе закон за јавно обвинителство со европскло знаменце, без никаква потреба. Претседател на таа комисија тогаш беше Артан Груби, сега осомничен, кој законите со ЕУ-знаменце ги поминуваше за пет часа, а не со јавна расправа и законот го донесовте на полноќ- рече Милошоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот