Маж тужи болница за 643 милиони долари: Го „охрабриле“ да присуствува на породувањето со царски рез на сопругата

Австралиец се обидел да тужи болница во Мелбурн, за милијарда австралиски долари, односно 643 милиони долари, затоа што го „охрабриле“ и му дозволиле да присуствува на породувањето со царски рез на неговата сопруга, тврдејќи дека тоа го направило „психотичен“, пишува „Севен њус“ („7news“).
Сопругата на Анил Копула родила здраво бебе, со царски рез во Кралската женска болница на 20 јануари 2018 година. Копула изјавил дека во тоа време бил „охрабрен“, односно дека му „дозволиле“ да присуствува на породувањето со царски рез на неговата сопруга.
При породувањето, тој ја здогледал крвта и внатрешните органи на сопругата, кои, како што вели, му предизвикале психотично растројство и целосно му го нарушиле животот. Години по раѓањето на детето, тој поднел тужба до Врховниот суд на Викторија, тврдејќи дека болницата ја прекршила својата должност за грижа кон него и дека била обврзана да му плати компензација за нанесената траума.

Копола, кој се застапуваше себеси во текот на постапката, ја процени својата отштета поради психичко нарушување на 1 милијарда австралиски долари. Од Кралската женска болница признаа дека имале должност да се грижат и за него, но негираа дека ја прекршиле таа должност. Исто така, ги отфрлија тврдењата дека тој претрпел каква било траума.
Во својата пресуда, судијата Џејмс Гортон ја отфрли тужбата, нарекувајќи ја „злоупотреба на процесот“.
Копола пред судот тврдеше дека болеста довела до „прекинување на бракот“. Тој бил подложен на лекарски преглед, а советот утврдил дека „степенот на психијатриска штета произлезена од присуството на подносителот на породувањето, кој е наведен во тужбата, не го исполнува прагот“.
Копула не се согласи со одлуката на советот, но не поднесе барање за преиспитување на одлуката. Болницата тогаш побарала да се прекине постапката.