Марта Кос, комесарка за проширување на ЕУ/Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Марта Кос: „Ме загрижува зошто Вучиќ ги потпиша судските закони, направивме проценка и таа не е добра“

Еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Н1.рс вели дека неодамнешните измени на законите за судство претставуваат чекор назад и дека довербата на ЕУ во Србија е нарушена и дека очекуваат нивното спроведување да биде суспендирано. Коментирајќи го фактот дека претседателот Александар Вучиќ ги потпишал, таа истакна дека „може само да претпостави која е причината“ и дека таа и нејзиниот тим направиле проценка „која не е добра“. На прашањето за каква проценка станува збор, еврокомесарката не сакаше да даде конкретен одговор.

Таа вели дека сака да верува оти Србија е сè уште на патот кон ЕУ и дека како еврокомесарка за проширување нејзина обврска е да направи сè што може за да ја задржи на европскиот пат. Но, како што наведува, постојат обврски и одговорности од двете страни.

„Морам да кажам и да признаам, и ќе бидам искрена, дека она што се случи со тие промени ја скрши нашата доверба. Станува сè потешко за мене, а и за другите луѓе во Брисел кои сè уште се подготвени да ѝ помогнат на Србија да продолжи напред. Бидејќи едно е техничкиот дел од преговорите и законите за кои зборуваме. Но друго прашање е, дали навистина веруваме дека Србија сака да стане членка на ЕУ? Или да го преформулирам: дали им веруваме на српската влада и на парламентот дека сакаат да ја внесат земјата во ЕУ? Сè уште верувам. И ќе продолжам да се обидувам сè додека има смисла. И засега, сè уште има смисла“, вели Кос во интервјуто.

Еврокомесарката рече дека очекува од српската влада да го суспендира спроведувањето на спорните судски закони, по што Венецијанската комисија ќе даде препораки што е можно побрзо.

„А потоа, секако, очекувам ревизија на тие закони на инклузивен начин. Ова значи вклучување на сите релевантни актери и, секако, консултација со Европската комисија и Венецијанската комисија, бидејќи Србија, како кандидат, е должна да го стори тоа. Се надевам дека тоа ќе се направи, бидејќи ако не, ќе мора да разговараме поинаку“, порача таа.

Вучиќ пред две недели ги потпиша спорните закони во правосудството, и покрај острите реакции и забелешки од Европската комисија. Од Брисел ги оценија измените како чекор што директно ја поткопува автономијата на правосудниот систем во земјата.

Вучиќ ги потпиша судските закони и покрај критиките од Брисел – Марта Кос го искара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот