Маричиќ: Не можам да бидам рамнодушен на условната пресуда за трагичната сообраќајка во Охрид

Бојан Маричиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Како министер за правда, но пред се како човек и родител не можам да бидам рамнодушен по одлуката на судот, кој пресуди условна казна за сообраќајката во Охрид по која две момчиња починаа, а три девојки беа тешко повредени“, напиша на својот профил на Фејсбук министерот за правда Бојан Маричиќ.

Тој додаде дека очекува праведна одлука на повисоките судови, а Судскиот совет будно да го следи целиот случај.

Претходно, Стефан Мицевски, другар на младите битолчани Иван и Милан, кои лани на 16 август загинаа на патот Охрид-Пештани, во страотна сообраќајна несреќа, а трите девојки кои се возеа на задното седиште завршија со последици, информираше дека минатиот месец, Основниот суд во Охрид донел пресуда со која возачот кој возел со двојно поголема брзина е осуден на условна затворска казна од четири години и треба да плати глоба од околу 3.000 евра.

„Иван подлегна на тешките повреди истата таа ноќ, а Милан после едномесечна борба на КАРИЛ исто така подлегна на повредите. Трите девојки, Сташа, Исидора и Деспина се здобија со тешки повреди од кои се опоравуваат до денешен ден“, пишува Мицевски.

Иницијативата „Правда за Иван и Милан“ очекува разумна одлука од Апелациониот Суд во Битола.

„Се надевам дека правдата ќе го најде својот пат низ судските лавиринти и овој пример ќе биде последен за кој вака јавно ќе се говори! Барам правда за Иван, Милан, Исидора, Сташа и Деспина! Барам правда за сите кои се нашле во слични ситуации низ животот! Барам правда за во иднина никој да не се најде во ваква ситуација!“, напиша Мицевски.

Несреќата на минатогодишниот 16 август се случи во 1:40 часот изутрина кога дошло до судар на три возила – „Цитроен Ц3″ со битолски, „Волксваген Голф” со охридски и „Волксваген Пасат” со прилепски регистерски таблички. Со „Цитроенот” управувал И.К (27) од Битола, кој со тешки телесни повреди бил префрлен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо” каде им подлегнал на повредите здобиени во несреќата. Во сообраќајката се повредени уште неколку лица, од кои пет лица потешко. Повредените М.С.(27) од Битола и И.М.(23) од Струга се префрлени на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза” во Скопје, додека во Д.Р.(25) од Скопје, Б.Р.(23) од Охрид и уште едно лице од Битола се хоспитализирани во болницата „Свети Еразмо”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот