Мараја Кери -Фото: Instagram

Мараја Кери ќе добие повеќе од 92.000 долари за адвокатски трошоци: Нејзиниот божиќен хит не е плагијат

Американската ѕвезда Мараја Кери оствари право на поврат на значителен износ адвокатски трошоци, неколку месеци откако беше отфрлена тужбата за наводно кршење на авторските права поврзана со нејзината песна „All I Want for Christmas Is You“. Според судски документи до кои дојде магазинот „Пипл“, судот на 23 декември одлучил дека на Кери ѝ припаѓаат 92.303,20 американски долари во вид санкции, кои мора да ги плати адвокатот Џерард П. Фокс.

Фокс ги застапувал Енди Стоун и Трој Пауерс, кои ја тужеа Кери поради нејзиниот божиќен хит.

Во судскиот документ се наведува дека Фокс изнел бројни правно нерелевантни аргументи со цел да ја оспори исплатата на правните трошоци.

Стоун и Пауерс ја поднеле тужбата во ноември 2023 година против Кери, коавторот на песната Волтер Афанасиеф и други, тврдејќи дека песната од 1994 година е преземена од нивната истоимена композиција од 1989 година, објавена од групата „Vince Vance & the Valiants“. Тужителите бараа 20 милиони долари отштета и судење со порота.

Сепак, во март судијката Алмадани го отфрли случајот, заклучувајќи дека нема доволно докази кои би ги потврдиле тврдењата дека Кери ја копирала спорната песна.

Во текот на постапката, музикологот Лоренс Ферара навел дека песната на Кери и песната на Стоун значително се разликуваат, и дека единствената сличност е користењето на општа лирска идеја и клишеа вообичаени за божиќните песни, кои постоеле и пред објавувањето на композицијата на Стоун.

Судот оцени дека песните доволно се разликуваат во мелодија, хармонија, ритам и текст, и дека не претставуваат кршење на авторските права.

Судските записи, исто така, покажуваат дека Фокс има рок од 90 дена да ѝ исплати на Кери и на останатите обвинети вкупно 109.983,20 долари. Во документите се наведува и дека Фокс ја прекршил судската одлука за распределба на предметот и поднел барање за скратена постапка, кое е опишано како „неправилно и несериозно“.

Песната „All I Want for Christmas Is You“ од своето објавување стана еден од најпознатите божиќни хитови на сите времиња. Неодамна помина 21 недела на првото место на листата „Billboard Hot 100“, стана песна со најдолг престој на таа листа изведена од жена и првата празнична песна што достигна две милијарди стримови на „Спотифај“.

Мараја Кери повторно руши рекорди: „All I Want For Christmas Is You“ е најдолготрајна песна на Билборд листата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот