МАМАВИЗИЈА | Зоран Крстевски: Иако сум разведен, јас не сум за развод, децата заслужуваат и мајка и татко
Во денешната епизода на „Мамавизија“ наш гостин е популарниот астролог, проф. д-р Зоран Крстевски. Тој како самохран родител отворено зборува за предизвиците на овие луѓе во нашето општество.
Препорачано
-Често ќе чуете осуда – како да се гледаш со тој или со таа кога има дете? Па што ако има дете, што да им правиме на овие деца, треба да ги отфрлиме?! Еден самохран родител се наоѓа на крстопат, да им се посвети максимално на децата, но во исто време да не се запостави себеси. И на него му е потребна љубов, грижа од некого, внимание итн. За самохраните родители е претешко да најдат соодветен партнер што ќе ги прифати онакви какви што се со нивните деца. Денес е многу тешко да направиш хармонизирано семејство – вели астрологот Зоран Крстевски за „Мамавизија“.
Тој е самохран татко на две ќерки. Кога девојчињата имале три и шест години, Крстевски и тогашната сопруга одлучиле да се разделат.
Крстевски вели дека и покрај тоа што во нивната ситуација разводот бил неминовен, тој не е за развод и често ги советува своите клиенти да ја погледнат подлабоко ситуацијата.
– Иако сум разведен, јас не сум за развод. Децата треба да растат со мајка и татко. Знаете, денеска е многу тешко да се израснат деца и во брачна заедница, живееме тешки времиња, а за самохраните родители тоа е уште потешко. Дечињата очекуваат кога ќе се разбудат да ги видат и мама и тато. Пред легнување сакаат да добијат бакнеж и од двајцата родители. Затоа, многу е погрешно кога при разводот едниот родител бара забрана за пристап на другиот, зборувам ако е тој човек нормален, не во екстремни ситуации – вели нашиот соговорник.

Се откажал од алиментација
За него не било тешко да се донесе одлуката тој да ги чува децата.
– Кај нас такви беа условите тогаш. И покрај тоа што јас бев без работа, имав повеќе финансиски извори хонорарно и заработував солидно, но живеев под кирија, а поранешната сопруга имаше стан, одлуката да се откажам од алиментацијата и децата да ги земам јас, беше најпаметното решение. Бевме согласни и двајцата со тоа и успеав со помош на мајка ми, други блиски, поддршка од соработници, да ги извадам ќерките на прав пат. Парите се секако важни, но не пресудни – вели Крстевски.
Не било лесно, како што вели, имало бројни предизвици.
– Учев додека ги растев децата. Тоа не е ни малку лесно. Да ги организираш логистички сите нивни потреби, а воедно да се посветиш на учењето и да пишуваш книги. Знаев дека можам и го правев тоа. Имаше денови, ќе ги нахранам, ќе ги легнам да спијат и потоа јас цела ноќ пишував. Ќе поспијам, понекогаш и само еден час, а утрото морам да ги однесам на време во градинка или на училиште. Но ништо од ова не ми беше тешко во споредба со оставањето, кога ги оставаш децата на посетата, тоа е најболното нешто. Ги гледаш како ти мавтаат со рачињата и викаат: „Чао тато“ – вели со емоции Крстевски.
Во емисијата зборуваме за сите предизвици со кои се соочил како самохран родител, совети до оние коишто минуваат низ таков живот, но и генерално совети за родителството и брачните заедници. Дознајте од најдобриот астролог кон кои хороскопски знаци се наклонети ѕвездите во однос на љубовта и благосостојбата.

Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор на проектот е Александра Вуксановиќ.


