МАМАВИЗИЈА | Стојановска Џинговска: Жени со попреченост можат да бидат подобри мајки од некои типични
Во денешната емисија гостинка ни е исклучително храбра жена, посебна, силна, мајка која ќе ни покаже еден поинаков свет на мајчинството. Даниела Стојановска Џинговска од Скопје, жена со церебрална парализа, мајка на тинејџер, вработена во Фондот за здравствено осигурување, долгогодишен поборник за правата и за подобри услови на лицата со попреченост.
Препорачано
Во „Мамавизија“ таа си ја отвора душата, несебично со сите свои емоции. Открива што значи тоа да се биде мајка со попреченост во денешницата, со што се соочувала за време на бременоста и колку животот на мајките со попреченост е проследен со предизвици во нашето општество.
-Јас кога останав бремена многу се плашев за здравјето на своето дете, но тоа чувство не е ексклузивно, туку го има секоја мајка. Поради мојата состојба јас многу истражував и читав за тоа дали би имало некакво генетско влијание врз моето потомство. Тоа беше и причината да се запишам на Дефектологија. Додека бев бремена морав да сфатам некои работи и да ги прифатам, како на пример тоа дека јас нема да можам да си го избањам сопственото бебе, но јас бев присутна на сите негови капења како бебе, затоа што тоа не треба да биде мој комплекс, важно е тој да биде избањат и чист – вели Стојановска Џинговска.
Според неа, попреченоста не е пречка во мајчинството.
-Среќна сум што од моето искуство да се реализирам како мајка со попреченост успеав да мотивирам многу други жени да го сторат истото. Притоа ги срушивме табуата и докажавме дека мајките со каква било попреченост можат да бидат и подобри мајки од типичните. Јас имам здрав прав син, паметен, момче коешто прераснува во многу добра, емпатична личност, на што сум посебно горда – рече таа.
Гледајте ја премиерно новата епизода на „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“ вечерва со почеток во 20 часот. Водител и автор на проектот е Александра Вуксановиќ.


