МАМАВИЗИЈА | Ампева: Мајка ми ја загубив многу млада, од неа научив да не трпам насилство
Кристина Ампева низ смеа ја прифати поканата да ја раскаже нејзината приказна за мајчинството. Вели: „Ете, нека видат дека и јас сум човек од крв и месео, а не вештерка како што ме нарекуваат“. За првпат пред јавноста во „Мамавизија“ зборува за нејзиниот приватен живот.
Препорачано
Ампева е мајка на три деца, Светлана (20), Анџела(13) и Илијан (11), сопруга на Денис, за кој вели дека ѝ е најголемата животна поддршка.
– Поради мојот нарав и мојата преголема ангажираност, спонтано, одговорностите и обврските околу децата во поголемиот процент му припаднаа на мојот сопруг. Тој храбро ја поддржа мојата желба да се борам јавно, да се бунтувам, на сметка на тоа тој да се грижи за потребите на децата – вели таа.
Животот како мајка воопшто не ѝ бил розов, токму порад тоа и се променила, како што вели, претходно била мирна и послушна работничка од приватниот сектор.
– Имавме страшни проблеми кога Анџела беше многу мала. Тоа не требаше да му се случи на дете од година и пол. Имавме серизоен инцидент во градинката каде што ја носевме, нашиот случај тогаш беше и јавно експониран. Тоа повлече големи последици за нашата ќерка по нејзиното здравје. Ветивме дека нема да зборуваме пред неа за тоа за да не ѝ ја влечеме траумата. Е, тогаш сфатив во каков систем живееме. Кога ми се обратија со тоа дека сè ми било џабе, партијата стоела зад нив. Тогаш се променив, излезе гневот од мене. Јас претходно бев обичен текстилен работник, тивка и послушна, но гневната мајка ја разбуди активистката во мене – раскажува Ампева.

Нашата соговорничка раскажува какви ѝ биле трите бремености, се присетува на породувањата и одлуката сите да ги роди во Скопје, поради лошата состојба на штипската болница.
Ампева е од Велес, а за мајка си раскажува со солзи во очите, со силни емоции, бидејќи ја загубила кога била многу млада.
– Мајка ми ја загубив кога беше многу млада. Ја паметам како една силна жена, која од петни жили се бореше да имаме нормален живот откако се разделија со татко ми. Таа премногу работеше, па така мене ме израснаа баба ми и дедо ми. Од мојата мајка научив да бидам силна и да не трпам никаква форма на насилство – се присетува со силни емоции нашата соговорничка.

Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


