МАМАВИЗИЈА | Алексоска – Неделковска: Син ми го попари со кафе Гоце Арнаудов, а како мал мислеше дека Тоше Прoeски е и поп
„Син ми растеше меѓу бројни познати личности, можам со часови да зборувам за анегдотите што се случуваа во нашиот дом“, вели за „Мамавизија“, докажаната новинарка Соња Алексоска-Неделковска, сопруга на славниот тектописец Огнен Неделковски.
Препорачано
Таа е позната како новинарка што добро ја познава кариерата на Тоше Проески, кој бил редовен гостин во нивниот дом, зборува за мајчинството.
– Кога Филип беше дете, откривме дека наследно ќе мора да носи очила. Тоа за него беше шок, не сакаше, одбиваше. Еден ден се сетив и му кажав дека и Тоше носи очила. А, за него Тоше беше идол, инспирација. Ми се противеше дека не го видел Тоше со очила, па морав да му се јавам за да го убеди. По неколку минути разговор со Тоше, не знам каква магија се случи, детево никогаш не ги симна очилата – низ смеа се присетува Алексоска-Неделковска.
Нашата соговорничка вели дека Тоше многу често му пеел арии на Филип кога бил мал, па тој ги прашувал „дали е Тоше поп?“
„На анегдотите со познатите им нема, крај“, со оглед на тоа, како што вели таа, дека син ѝ бил многу палаво дете.
– Се сеќавам на една во исто време и смешна и непријатна случка. Гоце Арнаудов и Миле Барбаровски дојдоа кај нас за да прават песна со Огнен. Масата ни беше тргната за да може Филип да трча. Им го носи Огнен кафето на гостите во псолужавник и не знам како така прецизно, малиот ја фрли топката преку рамо и ги турна и двете шолји врз гостите. Среќа кафето не беше жешко – се присетува таа.
Алексоска-Неделковска за првпат раскажа за премрежињата и борбите, за солзите радосници и болката што разорува спомени.
-Јас и денес кога ќе слушнам „загаден воздух“ многу се грижам за трудниците и за бебињата во стомакот. Поминав низ многу тежок период во мојата втора бременост што траеше кратко. Неофицијално некаква бактерија во воздухот го уништила плодот, отприлика така тогаш ми беше објаснето. Во тоа време не се зборуваше и не се знаеше многу за штетните честички во воздухот што го дишеме – се присетува со силни емоции Алексоска-Неделковска.

Тоа било во 2005 година, кога Евровизија се случуваше во Киев. За нашата соговорничка покрај моќната победа на Руслана, оваа Евровизија има многу подлабоко значење.
-Се акредитирав да ја покријам манифестацијата за тогашен „Дневник“. По кратко време дознав дека сум бремена. Јас и Огнен многу силно посакувавме второ дете, а во тој период и Филип мал, бараше братче или сестриче. Морав да го откажам патувањето, се работи за многу напорна работа и не сакав да ризикувам. Колешката што требаше да ме замени неколку пати ме препраша дали сум сигурна дека нема да одам јас, на што последниот пат ѝ одговорив на повисок тон „Доста ме прашуваш, ти ќе одиш во Украина, јас сум бремена, не можам, би одела само ако го загубам бебето.“ Реков и во исто време се сепнав што кажав – раскажува таа со кнедла во грлото.
Не е лесно да се присетите на болката што сте ја поминале и одново да ја преживувате, но нашата соговорничка, силна мајка, храбро ја сподели својата приказна за да испрати една голема утеха за секоја мајка, за секој татко што ќе се пронајде.
-Бев на контрола, тоа беше вториот месец од бременоста. Докторот ми нагласи да живеам спокоен живот, да функционирам нормално и да дојдам за десет дена на контрола. На таа контрола ми беше соопштено: „Соња, плодот не го бидува“ – вели таа.
Во емисијата Алексоска-Неделковска се присетува на нејзиното детство, на животот во Гостивар, на многу убави моменти што ќе ве расположат и вас.

Гледајте „Мамавизја“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Автор и водител е Александра Вуксановиќ.


