МАЛМЕД со вонредна инспекција за апаратчињата за мерење шеќер што ги добија дијабетичарите

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД почнува инспекциски надзор за тоа какви апаратчиња за мерење гликемија од вчера добиваат дијабетичарите во државата, откако се пожалија дека тие не се во оригиналните пакувања, туку во најлонски ќесиња. Оваа информација за „Слободен печат“ ја потврди директорот на МАЛМЕД Лирим Шабани.

Сојузот на здруженија на дијабетичари, на чело со претседателот Диме Велев, бараат Министерството за здравство веднаш да го раскине тендерот за апаратчиња за мерење шеќер во крвта и да се смени веднаш системот за менаџирање на дијабетесот во државата.

-Бараме најитно да се раскине договорот и да се воведе референтна цена и сите да бираме во рамките на таа референтна цена какви апаратчиња ќе си купиме, по примерот на земјите од соседството. Ако е поскап апаратот, да си доплаќаме, ако не е нема да доплаќаме, но потребно е да имаме избор. Овие апаратчиња за мерење на шеќерот кои почнаа да ни се делат деновиве се сомнителни, изјави за „Слободен печат“ претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Диме Велев.

Тој додаде дека оваа недела ќе имаат состанок со Националната комисија за дијабетес и официјално ќе побараат да се раскине договорот со добавувачот на апаратчињата и да се воведе референтната цена односно наједноставно речено, секој дијабетичар да има на располагање определен буџет и со него да пазари апаратче во аптеките.

-Многу е симптоматичен молкот на институциите. Нас со исечени нозе, прединфарктни состојби и разни други компликации, правда не ни треба после три години. Не е исправно ова што се прави. И особено сакам да потенцирам дека нема да дозволиме разни елементи да создаваат и да измислуваат непостоечка кавга меѓу пациентите и лекарите на меѓуетничка основа. Апаратчето кое ни е доделено, уште во 2017 година и во 2019 година им докажавме дека не е референтно. Потоа го сменија, ама еве во 2023 година пак го вратија тоа старото апаратче за мерење на шеќерот и ни го делат во најлончиња, во кои се дели дрога и таблети, без никакви ознаки, само МК 23 пишува. До толку сме потценети и погазени а што се прави со народните пари од буџетот? На кило купени глукомери и институциите да си молчат, додаде Велев.

Дијабетичарите десет месеци се соочуваат со катастрофално менаџирање на нивната здравствена состојба благодарение на тоа што тендерот за набавка на ленти и глукомери, Министерството за здравство го распиша со задоцнување. Но, откако почнаа во инсулинските аптеки да се делат апаратчињата и лентите, дијабетичарите забележаа дека пакувањата се несоодветни и не се оригинални. Претходно тие испратија претставки до Народниот правобранител да ги земе под заштита зашто со месеци државата не им овозможува апарати за менаџирање на дијабетесот па ни ленти за мерење на гликемијата во крвта, што е опасно по нивниот живот. Исто така, тврди Велев, количината на дистрибуирани ленти е мала и дискриминаторска.

-Во една аптека одат лицата со тип 1 дијабетес, во друга лицата со тип 2. Шокирани сме од тоа како на пациенти во јавна здравствена установа им се делат глукомери кои не се во оригиналните пакувања, без декларација, во најлонче, нема ни рок ни гаранција ништо нема, па нема ни хигиенско пенкалце за боцкање. Голем број на ленти се појавија во некакви пакувања кои се чудни, а не во оригиналното пакување. Декларација имаат само на македонски јазик тука печатена. Дел од пациентите велат дека нема ни кутивче туку лентите се внатре само така ставени, во сноп. Тотален хаос и потценување направија, изјави Велев за „Слободен печат“.

Министерството за здравство молчи на нашите прашања што се случува со набавените ленти и глукомери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот