МАЛМЕД: Досега се пријавени 122 несакани реакции од вакцините против ковид-19
До Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), од почеток на вакцинацијата против ковид-19, на неделно ниво пристигнуваат само по неколку пријави за сомнеж на несакана реакција од вакцините. Како што за Слободен печат тврди доктор Искра Садикаријо од МАЛМЕД, по спроведената вакцинција на 408.953 лица во нашата земја, кај помалку од 0,03 проценти од извршените вакцинации се појавила несакана реакција. Тоа изразено во апсолутна бројка е 122 случаи.
– Најчесто се пријавени несакани реакции со лесна симптоматологија како болка и оток на местото на апликација, покачена телесна температура, главоболка, болка во мускули и малаксаност. Сите досега пријавени несакани реакции се опишани во упатствата за употреба на вакцините. Агенцијата за лекови и медицински средства има потпишано договор за соработка со Uppsala Monitoring Centre (UMC) – глобална електронска база на податоци за несакани реакции на лекови на Светската здравствена организација со седиште во Шведска. Сите пријави кои се доставени до МАЛМЕД се обработуваат и проследуваат до UMC и стануваат дел од документацијата за безбедноста на лекот, објаснува таа.