Макрон од Париз испрати порака за мултилатеризам и поголема соработка меѓу нациите

Светските лидери, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон денеска од Париз повикаа на поголема меѓународна соработка заради намалување на тензиите во светот.

Околу 30 шефови на држави или влади, високорангирани функционери и челници на 10 меѓународни организации се придружија денеска на стотиците активисти, претприемачи и други на Парискиот мировен форум. САД не испратија претставник на овој собир.

Во својот воведен говор Макрон се заложи за мултилатеризам и „урамнотежена соработка” меѓу нациите. Алудирајќи на надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп, Макрон рече дека искушението на унилатеризмот е „многу ризично”.

– Ја пробавме таа опција во минатото – таа води кон војна, истакна Макрон. Светот денес се соочува со криза на политичките и економските системи, а унилатеризмот раѓа национализам, кој води кон војни – порача францускиот претседател.

– Системот на глобална отворена економија беше успешен 70 години и овозможи воспоставување мир во многу региони во светот, а кризата го подели општеството, создавајќи криза на демократијата и повторно го оживеа унилатеризмот – оцени Макрон.

Тема на форумот, кој се одржува и утре, се климатските промени, демографските прашања, миграцијата, судири, тероризам и борба против сиромаштијата.

– Денес светот е како огромен океан во кој сите земји се меѓусебно поврзани и сите сме соочени со истите предизвици – оцени кинескиот потпретседател Ванг Кишан, кој порача дека „колективен одговор е единствена одржлива опција”.

Избраната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лејен рече дека нејзина визија е „Европа која помага за помирување меѓу оние кои се поделени”.

– Потребно е стабилно и одговорно лидерство. Сите мора да придонесеме – рече Фон дер Лрјен.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повика на поголема мешународна соработка. – Клучен недостиг на Советот за безбедност е недоволна застапеност на земјите во развој.

Само ако ја зголемиме застапеноста на Азија, Латинска Америка и Африка може да го решиме овој проблем. Би ви го свртел вниманието кон тоа дека во која било конфигурација во Советот за безбедност Западот има најмалку една третина, а понекогаш и повеќе, истакна Лавров во Париз. За сегашните проблеми на Блискиот Исток, Лавров ги обвини САД поради егоцентричната и кусогледа политика – од обновувањето на нуклеарната активност на Иран до тензиите во Израел и палестинските територии и ирачките политички протести.

Парискиот форум за мир воспоставен е лани, по повод сто години од завршувањето на Првата светска војна. Тој е осмислен како годишен собир на државници, политичари, меѓународни организации, невладини организации и бизнисмени, на кој се разговара за различните предизвици во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот