Македонските спортисти ќе почекаат за вакцина против коронавирус

Трите спортски федерации во Македонија, фудбалската, ракометната и кошаркарската, велат дека засега не било разговарано во претставници на Владата за спортистите да се вакцинираат со првата „тура“ на вакцини.

Македонските спортисти најверојатно нема да примат вакцина против коронавирус од првиот контингент на вакцини кој треба да пристигне по Нова година во нашата држава.

Најбрзиот датум на пристигнување на вакцините е јануари, но постои можност тие да пристигнат некој месец подоцна.

Министерот за здравство, Венко Филипче потврди дека досега се обезбедини 833.000 вакцини преку КОВАКС системот, но и дека се ангажирани за дополнително обезбедување на вакцини на уште два начини, преку директни преговори со производителите и преку механизмот на земјите членки на ЕУ.

-Во делот на набавката на вакцините, веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани преку КОВАКС механизмот. Тоа е механизам на Светската здравствена организација, Глобалната алијанса за имунизација во коишто учествуваат сите соседни земји, освен земјите членки на Европската Унија кои имаа можност за директни договори со некои компании. Во рамките на овој систем ќе ги добиваме вакцините согласно планот за дистрибуција којшто КОВАКС ќе го одреди и многу скоро очекуваме конкретна информација од нив. Дополнителна количина ќе можеме директно да набавиме од производителите „Астра Зенека“ и од „Фајзер“. Добивме понуда и од Полска и од Грција, кои грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му ги понудил на премиерот Зоран Заев и од нив се обезбедени дополнителни околу 800 илјади вакцини – информира Филипче кој додава дека веќе е направена листа на приоритетни групи кои први ќе ја примат вакцината.

Приоритет во вакцинацијата ќе имаат здравствените работници кои работат во ковид центрите или или се директно изложени или работат со заболени или суспектни. Понатаму, делот на здравствени работници коишто работат со земањето на брисеви, граѓаните над 65 години и пациентите со хронични болести во делот на хронично белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот Мој Термин, како и вработените во критичната инфраструктура и транспорт – изјави неодамна министерот Филипче.

Спортистите засега не се наоѓаат на листата на групи кои ќе се вакцинираат меѓу првите, а од Фудбалската, Кошаркарската и Ракометната федерација информираат дека досега не било разговарано со нив на оваа тема.

– Никој од Владата не разговарал со нас или не повикал, но тоа во една рака е очекувано. Тие треба да одлучат кој ќе има приоритет во примањето на вакцината. Исто така се поставува прашање кога ќе пристигнат вакцините, дали тоа ќе биде многу брзо во јануари или некој месец подоцна. Ние ќе продолжиме да функционираме како и досега и ќе ги почитуваме здравствените протоколи во Македонија, во земјите во кои би играле како и протоколите на меѓународните спортски федерации – имаат речиси идентичен став трите федерации.

Прва репрезентација која има реални шанси да настапи на меѓународна сцена е ракометната. Имено, Македонија од ИХФ е поставена за прва резерва за Светското првенство кои на почетокот од идната година треба да се одржи во Египет.

Се до официјалната дозвола за употреба да вакцините, спортистите ќе функционираат како и досега, со редовни тестирања на коронавирусот, додека репрезентативците би биле сместени во „меури“ во кои максимално ќе се внимава на нивното здравје и тоа според правилата и прописите на државите каде би играле.

Кошаркарската репрезентација на Македонија во февруари во Перм, Русија, ја очекува завршницата од квалификациите за Евробаскетот 2022, додека фудбалската репрезентација во март ги започнува квалификациите за СП 2022 година во Катар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот