Македонските спористи целат на најмалку четири медали на Европскиот младински олимписки фестивал „Скопје 2025“
Македонија очекува да освои медали на „ЕМОФ Скопје 2025“, најголемиот спортиски настан досега организиран во земјава, а на ваквите натпреварувања досега нема ниеден трофеј во 12 учества. Ќе учествуваат 4.300 спортисти од 50 европски земји, на возраст од 14 до 18 години
Се очекува македонските спортисти да освојат најмалку четири медали на Евроскиот младински олимписки фестивал „Скопје 2025“ што започнува в недела а ќе трае до 26 јули.
Препорачано
Македонија е организатор на „ЕМОФ Скопје 2025“ и ќе учествува со 181 спортист во 15 спорта. Досега Македонија во своите 12 учества на овие Игри за европски спортисти од 14 до 18 години што се одржуваат на две години, нема освоено ниеден медал.
Сега организаторот се надева дека оваа непријатна традиција ќе се промени.
– Очекувањата се македонските спортисти на „ЕМОФ Скопје 2025“ да освојат најмалку четири медали. Не би сакала да откривам предвреме во кои спортови се очекуваат медали за Македонија за да не сосдаваме непотребен притисок врз нашите млади спортисти – рече Цеце Макаровска, шеф на мисијата, на прес-конференцијата денеска.

Претседателот на Македониот олимписки комитет Даниел Димевски смета дека е дојдено време Македонија конечно да освои медал на овој спортски настан.
– Македонските спортисти во досегашните учества немаат освоено медал и сметаме дека на „ЕМОФ Скопје 2025“ тоа конечно ќе се промени и ќе освоиме трофеј. Подготовките на спортистите од земјава беа сериозни, имаме голем број учесници. Конкуренцијата ќе биде пеколна, затоа што ќе учествува европскиот крем на таа возраст, ќе има голема борба – вели Димевски.

Најмногу се очекува од македонските теквондисти. Селекторот Стефан Миленковски очекува медали. Македонија ќе настапи со Душица Бреслиева, Христијан Симоновски и Андреј Василевски. Христијан е петти, а Андреј деветти во Европа во својата возрасна категорија.
– Имавме сериозни и добри подготовки и очекуваме медал или медали од нашите теквондисти. Тие се едни од најдобрите во Европа – вели Миленковски.
В недела започнува Европскиот младински олимписки фестивал „Скопје 2025“ со учество на 4.300 спортисти од 50 земји кои ќе се натпреваруваат во рекордни 15 спорта, во Скопје и Куманово, како и во Осијек, Хрватска каде ќе има натпревари во гимнастика.


