Македонските пливачи бараат да се вратат во базените: Изготвен е протокол за одвивање на тренинг сесиите

Фото: facebook.com/mblazevski

Градскиот пливачки сојуз до Владата и Министерството за здравство веќе испрати предлог протокол за повторно отворање на базените за категоризирани пливачи.

Градскиот пливачки сојуз – Скопје испрати предлог протокол со барање до Владата и Агенцијата за млади и спорт за постепено враќање на пливачите во базените кои се од есенцијално значење за нив.

Пливачкиот спорт во Македонија се наоѓа пред тешки искушенија и предизвици, а надежите се дека првиот сет мерки кои треба да ги ублажат финансиските губитоци ќе биде надополнет со почеток на работата на базените, кој, според Градскиот пливачки сојуз, би се одвивал по однапред изготвен план.

Веќе се во подготовка Чешка, Словенија, Австрија, Германија, Словачка, Италија, селективно да започнат со тренажен процес за почеток со своите категоризирани спортисти, додека некои земји како Холандија, Русија, Шведска, Норвешка воопшто и не престанаа да работат изолирано со своите најдобри пливачи следејќи ги упатствата од здравствените организации. Во земјите од регионот, базените се отвораат во Србија, Бугарија и Хрватска.

Градскиот пливачки сојуз до Владата и Министерството за здравство веќе испрати предлог протокол за повторно отворање на базените за категоризирани пливачи. Во протоколот се предвидува:

– Обезбедување на нормален проток на посетители (спортисти, стручни лица) почитувајќи ги пропишаните мерки од Владата на РСМ (задолжително носење на маска)
– Обезбедување на доволно простор за менување на облека, во посебно обележан простор
– Редуцирање на бројот на пливачи во корелација со бројот на патеките. Ширината на патеката е 2,5 метри, па според тоа пливачите може да се распределат во групи по следниот распоред:
А) Во секоја патека да има по еден пливач, или
Б) Еден пливач во првата патека, двајца во втората, еден во третата, двајца во четвртата, итн.
– Термините се поделени на 2,5 часа како би можеле да обезбедиме сигурна временска рамка за смена на групите пливачи.
– Поради редуцираниот пристап, првенство на користење имаат категоризираните спортисти
– Пливачите се поделени во два термини:
А) Првите групи во понеделник, среда и петок
Б) Вторите групи во вторник, четврток и сабота
В) Репрезентативците или категоризираните пливачи добиваат плус термини секое претпладне, но нивната бројка не смее да го надмине договорениот капацитет
– Туширање после тренинг сесија е дозволено само во случај доколку се почитува даденото безбедносно растојание
– Надгледувањето на целиот процес е во надлежност на персоналот на спортскиот објект и тренерот на екипата

фото: фејсбук

ФИНАНСИСКИ ИМПЛИКАЦИИ

Поради специфичната ситуација, клубовите не се материјално стабилни за да ја покријат финансиската конструкција за нормално работење на спортските објекти, т.е. базените. Додека не се создадат услови за материјално закрепнување, се предлага обврската за нормално функционирање да биде субвенционирана од Владата на РСМ, со што клубовите ќе добијат бесплатни термини за тренажниот процес.

По однос на барањето на Градскиот пливачки сојуз, Владата испратила одговор дека во соработка со Комисијата за заразни заболувања ги разгледуваат опциите за рестартирање на работата на спортските објекти и тоа во сегменти и лимитирано и етапно, но за истото со конкретни датуми ќе се произнесат кога епидемиолошката состојба ќе го дозволи тоа.

„Секоја земја има различен пристап во справувањето со коронавирусот, со различни прогнози, различен момент на утврдување на локална трансмисија, а следствено моментот утврден како погоден за отворање на базените во една земја не значи автоматски отворање и во друга. По однос на делот за финансиско субвенционирање на базените, Министерството за здравство не е надлежно за истото да се произнесе“, се вели во одговорот од Министерството за здравство, потпишан од министерот Венко Филипче.

Барањето го разгледа и Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесувањето и ширењето на коронавирус Ковид-19 и истото го проследи на разгледување и понатамошно постапување до Министерството за здравство, со цел да се има предвид при носењето на следни мерки во однос на сите спортски активности од страна на клубовите и федерациите.

Пливањето најбезбеден спорт

Експертската јавност веќе неколкупати нагласи дека пливањето е најбезбеден спорт кога станува збор за коронавирусот, бидејќи вирусите не се шират во хлорирана вода.

Методија Ангелески, искусен тренер по пливање и член на Управниот одбор на Градскиот пливачки сојуз-Скопје, во изјава за Слободен печат вели дека на пливачите им е повеќе од неопходно да се вратат што е можно поскоро во базените, бидејќи тие немаат друга опција за останување во форма.

– Ние сме во постојана комуникација со наши колеги од други земји и се советуваме со нив околу начинот на кој би требало да изгледа враќањето во нормала на пливачите. Сметам дека нема потреба базените се уште да седат затворени. Има начин како сето тоа да се изведе, а да нема ризик по здравјето на спортистите. Се надеваме дека Владата ќе ни излезе во пресрет и ќе донесе одлука за што поскоро отворање на базените – вели Ангелески.

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ завчера инфомираше дека е подготвен за повторно отворање на своите спортски објекти и дека се преземени сите мерки за заштита од коронавирусот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот