Македонскиот зеленчук ќе се јаде во Дубаи
Во Дубаи се регистрирани педесетина македонски компании
Дубаи станува интересен за македонските бизниси, а лани пет нови компании од земјава се приклучија на Коморите на Дубаи, со што нивниот вкупен број достигна 52. Трговската размена помеѓу Македонија и Дубаи од 2020 до 2024 година изнесувала 495 милиони американски долари. Мохамед Али Рашед Лутах, претседател на тамошната Стопанска комора, кој се сретна со премиерот Христијан Мицкоски, очекува преку заеднички платформи за соработка во областа на дигиталната економија, одржливоста и трговијата, размената да се зголеми за 20 отсто до 2030 година.
Препорачано
Пролетоска за време на посетата на премиерот Мицкоски на Дубаи, фокусот беше ставен на зголемување на билатералната трговија и инвестиции, со посебен акцент на клучниот македонски извоз во Дубаи, вклучувајќи електроника, облека, возила, машини и овошје и зеленчук. Главниот извоз на Дубаи во земјава вклучува електроника, медицински инструменти, играчки и спортска опрема, вештачки влакна и парфеми и козметика. Сега на возвратната посета на бизнис-делегацијата од Дубаи, се разговарало за забрзување на активноста во градежниот сектор, за развојот на туризмот, како и зголемениот извоз на земјоделски производи и делови за автомобилската индустрија.


