Македонија уште треба да работи на искоренување на неказнивоста за сериозни повреди на човековите права

Искоренувањето на неказнивоста за сериозни повреди на човековите права во Македонија напредува, но Надворешниот механизам за контрола треба да се дополни со вклучување на претставници од граѓанското општество, беше оценето на денешната тркалезна маса на тема „Извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права и функционирање на Надворешниот механизам за контрола“, организирана од Министерството за правда и делегацијата на Советот на Европа од Одделението за извршување на пресуди на ЕСЧП.

Македонија е членка на Советот на Европа од 1995 година, ја има усвоено Европската конвенција за човекови права и ги има ратификувано најголем дел од меѓународните европски инструменти за човекови права, но, како што рече, Мариа Канелопулу раководителка на сектор при Делегација на ЕУ во Скопје, потребни се дополнителни напори за спроведување на одредени инструметни во врска со спречување на тортура, на постапувањето со притворени и осудени лица.

– Тоа е сѐ уште нешто што не е на соодветно ниво. Имаме и некои недостатоци во затворскиот систем, во притворскиот систем, за условите за задржување, здравствената заштита. Тоа се прашања кои се сеуште отворени и на кои би требало да се осврнеме, изјави Канелопулу.

Таа потсети дека според податоците од Годишниот извештај на ЕК во јуни 2022 година, пред ЕСЧП имало 813 поплаки, а Судот донел 11 пресуди од кои во три случаи биле утврдени прекршувања, наспроти 14 во 2021 година. Главните проблеми, како што рече, се поврзани со праведното судење, забраната на тортура и слобода на изразување.

Таа се осврна и на предметите „Китановски“ на ЕСЧП.

– Во 2015 година ЕУ побара да се справиме со прашањето на полициската неказнивост и воведе независен надзорен механизам во земјата кој се формираше во 2018 година со поддршка на СЕ и на ЕУ. Целта е да се даде поддршка на заштита на жртвите на прекршувања на човековите права кога се извршени од страна на луѓе со полициски овластувања или од затворската полиција со тоа што ќе се обезбеди дека ќе се спроведат ефективни истраги на тие предмети. Во минатите пет години направен е значителен напредок во таа сфера. Институционална рамка постои, соработката со засегнатите страни постои, но се уште има некои прашања што се отворени, како делотворното учество на граѓанското општество. Во текот на овој процес бидете уверени дека ЕУ ќе биде целосно посветна и ќе даде целосна поддршка на сите напори на Северна Македонија да се справи со сите недостатоци што ќе бидат идентификувани, изјави Канелопулу.

Лејла Дервишагиќ, раководителка на оперативно работење при Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје истакна дека од 2015 СЕ тесно соработува со европските институции во формирањето на тој надворешен механизам за да се изгради побезбедно и хумано општество со почитување на правата на сите кои биле жртви на злоупотреба од страна на полициските органи.

Во Северна Македонија механизмот е формиран во 2018 година, а во изминатите четири години со властите во земјава е работено на јакнење на капацитетите на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, на Канцеларијата на народниот правобранител и на МВР преку обуки, подготовка на прирачник за ефективни истраги и кампањата за државни лица за информирање за можностите што ќе ги дава овој механизам.

– Како што можете да видите многу е сработено, и досегашните резултати охрабруваат. Но, важно е овој механизам да се дополни со вклучување на претставници од граѓанското општество. Се надеваме дека Парламентот ќе ги избере граѓанските организации кои ќе го дополнат овој механизам. Една од целите на оваа тркалезна маса е да се претстави остварувањето, но и да се согласиме кои ќе бидат цели, како што е подобрувањето на условите во затворите, рече Дервишагиќ.

Николаос Ситаропулус раководител на Одделот за извршување на пресуди при Совет на Европа, истакна дека надворешниот механизам за контрола има клучна улога во искоренувањето и спречувањето на прекумерна употреба на сила и несоодветно постапување од страна на полицијата, како и при спроведувањето на пресудите на Судот за човекови права. Има голем број предмети кои се пред ЕСЧП, а во контекст на предметот „Китановски“ Советот на министри на СЕ реши да го внесе овој предмет под зајакната постапка која подразбира потесно испитување од Комитетот на министри во однос на човековите прва и поредовен и систематски дијалог и поддршка за локалните власти.

– Конвенцијата спречува мачење и несоодветно постапување, апсолутно, но тоа не се спроведува секогаш во реалност. Тежината на проблемот се гледа во големиот број пресуди против разни земји-членки. Треба да се премости јазот меѓу стандардите и нивното спроведување и тоа е императив. Првата причина е што правото за спречување мачење и несоодветно постапување се клучни и суштински вредности. Втората причина е што жртвите се лица индивидуалци кои трпат од државните власти и проблемот е дотолку поголем кога истовремено се нарушува и правото на недискриминација. И другите за несоодветното постапување мора да се истражат и да се земат предвид, рече Ситаропулус.

Секторот за извршување пресуди, според него, посветува многу ресурси на оваа тема освен за предметите што се пред Комитетот на министри.

– Ние ги подготвуваме тие предмети учествуваме во многу билатерални и мултилатерални соработки, ги поддржуваме земјите-членки да ги извршат своите обврски. Во овие заложби секторот се потпира на дијалогот со националните власти не само со судиите и обвинителите туку и со телата за надзор на националните меѓународни инструметнти против мачење и надворешноите механизми за контрола вклучително и Омбудсманот кој може да функционира и како механизам за претставки, вели тој.

Притоа додава дека важни во целиот процес се омбудсманот и надворешниот механизам за контрола.

– Тие имаат темелно познавање на контекстот и имаат клучна улога за почитување на стандардите. Ги пофалувам властите за постигнатиот напредок. Има најава за план за акти за спречување мачење и тоа е позитивен чекор во вистинска насока да се искорени неказнивоста за сериозни повреди на човековите права. И воведувањето на механизмот за контрола е важен чекор и покрај предизвиците, рече Ставропулос.

Дискусијата на форумот со вклучените институции и затворските власти ќе се фокусира на пресудите на ЕСЧП од групата Китановски, односно осумте предмети кои главно се поврзани со полициско малтретирање и неефективна истрага. Настанот е организиран во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”, дел од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција – Фаза III.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот