Фото: Министерство за правда

Македонија се потпиша на Рамковната конвенција за вештачка интелигенција – се обврзуваме на безбедна и одговорна употреба

Македонија ја потпиша Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција (ВИ), со цел да се воспоставува принципи и стандарди за безбедна, етичка и одговорна употреба на вештачката интелигенција.

Конвенцијата, усвоена од Комитетот на министри во мај 2024 година, претставува прв обврзувачки меѓународен инструмент, а нашата држава со потпишувањето треба да воспостави јасни правила како, каде и колку да се користи, во согласност со принципите на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Министерот за правда Игор Филков истакна дека со Конвенцијата се воведуваат јасни гаранции дека вештачката интелигенција ќе се користи на начин кој го почитува човековото достоинство, еднаквоста и недискриминацијата, а граѓаните ќе имаат поголема заштита на приватноста и личните податоци, како и пристап до ефективни правни лекови доколку нивните права бидат повредени.

„Особено ја поздравуваме флексибилноста што Конвенцијата им ја овозможува на државите – да ги приспособат мерките во согласност со своите правни и институционални системи, а притоа да ги почитуваат универзалните стандарди. Ова е од клучно значење за ефективна имплементација и одржливи резултати“, истакна Филков.

Тој истакна дека технолошкиот развој мора да биде во служба на граѓанинот,а иновациите мора да бидат безбедни, етички и одговорни.

Во наредниот период ќе следува предратификациона анализа и процес на усогласување со националното законодавство, во кој ќе бидат вклучени релевантни институции, експерти и претставници на граѓанскиот сектор, со цел обезбедување квалитетна и сеопфатна имплементација на обврските што произлегуваат од Конвенцијата.

Употребата на вештачката интелигенција е актуелна низ целиот стар континент. Земјите членки на Европската Унија и преговарачите на Европскиот парламент деновиве се согласија да ги забранат апликациите со вештачка интелигенција што се користат за создавање сексуално експлицитни содржини (дипфејк) без согласност.

Оваа проблематика беше актуелна и со случајот во Италија, каде премиерката Џорџа Мелони го критикуваше ширењето на дипфејк фотографии направени со помош на ВИ, меѓу кои и една на која е прикажана во долна облека, откако сликите вирално се проширија на интернет.

ФОТО | Лажна фотографија од Мелони во долна облека се прошири на интернет – таа возврати: „Баш ме разубавиле“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот