ФОТО | Лажна фотографија од Мелони во долна облека се прошири на интернет – таа возврати: „Баш ме разубавиле“
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го критикуваше ширењето на дипфејк фотографии направени со помош на вештачка интелигенција, меѓу кои и една на која е прикажана во долна облека, откако сликите вирално се проширија на интернет, пренесува Нова.рс.
Препорачано
„Последниве денови кружат неколку лажни фотографии од мене, генерирани со помош на вештачка интелигенција, кои некои од моите ревносни противници ги претставуваат како вистински. Морам да признаам дека оној што ги направил… дури прилично го разубавил мојот изглед. Но останува фактот дека луѓето, за да напаѓаат и да шират невистини, сега се подготвени да користат апсолутно сè“, напиша Мелони на Фејсбук.
Во објавата сподели ВИ-генерирана фотографија на која наводно е во долна облека и седи на кревет. Оваа слика стана вирална и предизвика бројни реакции од корисници, а дел поверуваа дека е автентична.
„Да се прикажува една премиерка во таква состојба навистина е срамно. Недостојно за функцијата што ја извршува. Таа нема ни малку срам“, напиша еден од корисниците на социјалните мрежи.
„Дипфејк содржините се опасно оружје“
Мелони во својата изјава го осуди она што го опиша како „форма на сајбер насилство“ и предупреди дека генерираните слики со ВИ стануваат сè поопасно средство за измама и нанесување штета на поединци.
„Прашањето ме надминува мене. Дипфејк содржините се опасно оружје бидејќи можат да измамат, манипулираат и да таргетираат кого било. Јас можам да се одбранам. Многу други не можат. Затоа секогаш треба да важи едно правило: проверете пред да поверувате и размислете пред да споделите нешто. Денес тоа ми се случува мене, утре може на кого било“, објави таа.
Борбата против ризиците што ги носат вештачката интелигенција и дипфејк содржините стана еден од клучните делови на програмата на десничарската влада на Мелони.
Мелони: Во Италија создаден фонд за вештачка интелигенција од милијарди евра
Минатиот септември Италија стана првата земја во Европската Унија што усвои сеопфатен закон за регулирање на употребата на вештачка интелигенција, воведувајќи затворски казни за оние што ја користат оваа технологија за да им нанесат штета на другите, вклучително и создавање дипфејк содржини, како и ограничувања за пристап на деца.
Владата на Мелони соопшти дека законот, усогласен со клучниот акт на ЕУ за вештачка интелигенција, претставува решителен чекор во обликувањето на начинот на кој ВИ ќе се развива и користи во Италија.
Скандал со монтирани фотографии на политичарки
Законот следеше по скандал со порнографска веб-страница која објавувала монтирани фотографии на познати италијански жени, вклучително и Мелони и лидерката на опозицијата Ели Шлајн, што предизвика големи негодувања во Италија.
Фотографии преземени од социјалните мрежи или јавни настапи, со вулгарни и сексистички натписи, биле споделувани на платформа со повеќе од 700.000 претплатници. Многу од нив прикажувале политичарки од различни партии, при што сликите биле вештачки манипулирани за да нагласат одредени делови од телото, или да сугерираат сексуализирани пози.
Италијанската полиција нареди гасење на страницата, додека обвинителите во Рим покренаа истрага поради сомневање за повеќе кривични дела, вклучувајќи незаконско ширење сексуално експлицитна содржина, клевета и изнуда.
Исто така, пред еден месец италијански сенатори презентираа предлог-закон со кој се зголемува одговорноста на дигиталните платформи за начинот на кој ја пренесуваат содржината до корисниците.
Италија предлага мерки против зависност од социјалните медиуми – фокусот ќе биде на алгоритмите


