Илустрација - Profimedia

Италија предлага мерки против зависност од социјалните медиуми – фокусот ќе биде на алгоритмите

Италијански сенатори презентираа предлог-закон со кој се зголемува одговорноста на дигиталните платформи за начинот на кој ја пренесуваат содржината до корисниците, во рамки на борбата против зависноста од социјалните мрежи, пренесува Еуроњуз.

Според предлогот, кој го поддржува опозициската Демократска партија (ПД), платформите треба да престанат со автоматско собирање податоци од корисниците и да обезбедат поголема транспарентност во функционирањето на алгоритмите што одредуваат која содржина им се прикажува на корисниците.

„Секојпат кога ќе отвориме социјална мрежа, алгоритмот одлучува што ќе видиме, не случајно, туку со цел да останеме што подолго приковани за екранот“, посочи сенаторот Антонио Ничита.

Во нацрт-законот се нагласува дека дизајнот на алгоритмите не претставува технички детаљ, туку корпоративен избор со конкретни последици, и се очекува одговорност од социјалните медиуми за таквиот дизајн на системите за пренос на содржините.

Според италијанската партија Лига, потребно е воведување забрана за користење на социјалните мрежи за деца помлади од 14 години, по примерот на слични мерки што веќе се усвоени или се разгледуваат во повеќе држави.

Истражување на Здружението „Social Warning“ покажа дека 77 проценти од италијанските тинејџери се сметаат себеси за зависни од своите уреди — но многумина велат дека им недостасуваат алатки или поддршка за да го променат своето однесување, пренесе Еуроњуз.

Според Националниот институт за здравје на земјата, околу 100.000 млади на возраст од 15 до 18 години се изложени на ризик од зависност од социјалните мрежи.

Дополнителни половина милион се проценува дека страдаат од нарушување поврзано со игри — компулсивна зависност од онлајн игри која Светската здравствена организација официјално ја призна како медицинска состојба во 2019 година.

УНИЦЕФ: Ако имате тинејџер кој е „залепен“ на екранот по цел ден, не сте сами

ЕУ се залага за поголема акција низ целиот блок. Во последните години, држави како Австрија, Шпанија, Данска и Шведска воведоа строги ограничувања за социјални мрежи за деца, а Словенија најави забрана за деца под 15 години. Обединетите нации препорачуваат зголемување на минималната возраст, додека Европскиот парламент предлага минимум 16 години за неограничен пристап до социјалните платформи.

Францускиот Сенат завчера го поддржа планот за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за деца под 15 години, но сè уште не е дефинирано како ќе се спроведува.

И Франција го стега обрачот – ги ограничува социјалните мрежи за деца под 15 години

Претходно, Австралија во декември минатата година стана првата земја во светот што го забрани пристапот до социјалните медиуми за деца под 16 години, во обид да ги заштити од штетна содржина и прекумерно време пред екран.

Австралија ќе ги блокира социјалните мрежи за помлади од 16 години

Македонија моментално е „против“. Тука и властите, и стручните луѓе се на иста линија – избрзана забрана може да донесе контраефект, или да ја ограничи слободата.

Социјалните мрежи знаат да бидат опасни, а избрзаната забрана уште поопасна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот