Македонија подготвена за Европскиот младински олимписки фестивал 2025
Европскиот младински олимписки фестивал што ќе се одржи од 20 до 26 јули 2025 година претставува најголемиот спортски настан што досега го организирала нашата држава, истакнаа пред медиумите, претставници на Европските младински комитети и Македонскиот олимписки комитет.
Препорачано
Во пресрет на најголемиот младински мултиспортски настан на Стариот континент, Скопје и Куманово се во финалната фаза на подготовките за организација на ЕМОФ Скопје 2025. Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, ја истакна важноста на ЕМОФ Скопје 2025 како најголемиот спортски настан во историјата на Македонија и како клучна можност за развој на младинскиот спорт.
– Станува збор за исклучително голем настан – најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме речиси 4.000 учесници, вклучително спортисти, тренери, официјални лица и логистички персонал. Во Скопје и Куманово ќе биде присутен целиот европски младински спортски крем, односно младите спортисти кои што ќе бидат најголеми ѕвезди на следните летни олимписки игри. Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме Скопје да го вметнеме на мапата на најзначајните спортски настани во Европа.
Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава на европско ниво. На спортски план, Македонија ќе ја претставуваат околу 200 млади спортисти, а како домаќини имаме загарантирано учество во сите спортски дисциплини. Ова ни овозможува да се вклучиме и во спортови кои дури сега почнуваат да се развиваат кај нас и да лансираме цела нова генерација спортисти на возраст од 15 до 18 години – генерација што ќе созрева во годините што следат. Со тоа, имаме реална шанса да направиме вистински рестарт на младинскиот спорт во државата – изјави Димевски.
Во пресрет на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин и на големиот настан „100 дена до ЕМОФ“, кој ќе се одржи во Ист Гејт Мол на 12 април (сабота). Оваа манифестација дополнително ќе пружи поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани, а спортско-забавниот дел ќе вклучи турнири во 3х3 баскет и богата интерактивна програма. Настанот ќе биде одлична можност за младите да се запознаат со олимпискиот дух и да бидат дел од одбројувањето до почетокот на фестивалот.


