Македонија на 11 место во НАТО според процентот од БДП наменет за одбраната

Влада на РСМ НАТО и македонија
Влада на РСМ / Фото: МИА

Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, се посочува во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на земјите членки.

Вкупните трошоци за одбраната на членките на НАТО за 2024 година се предвидени на ниво од 1.185 милијарди долари, што претставува зголемување за 10,85 отсто во споредба со ланските 1.069 милијарди долари.

Според Извештајот, вкупно 23 од 32-те членки на НАТО во 2024 година го достигнале договореното ниво на трошоци за одбраната од два отсто од националниот БДП, што е повеќе од двојно во споредба со лани, кога оваа цел ја оствариле само 10 сојузници.

Земјава со издвоени средства за одбраната од 2,22 отсто е на 11-то место според висината на стапката на средствата од БДП. „Шампион“ во оваа класификација е Полска со 4,12 проценти од БДП, пред Естонија со 3,43, САД со 3,38 и Летонија со 3,15 отсто. Натаму до десеттото место следуваат Грција со 3,08 проценти од БДП, Литванија со 2,85, Финска со 2,41, Данска со 2,37, Велика Британија со 2,33 и Романија со 2,25 отсто.

По земјава, на 12-то место е Норвешка со трошоци за одбраната од 2,20 отсто од БДП, пред Бугарија со 2,18, Шведска со 2,14, Германија со 2,12, Унгарија со 2,11, Чешка со 2,10, Турција со 2,09, Франција со 2,06, Холандија со 2,05, Албанија со 2,03, Црна Гора со 2,02 и Словачка со два отсто, како последна, 23-та, земја сојузничка која го достигнала прагот од два проценти.

Под прагот и натаму остануваат Хрватска со 1,81 отсто, Португалија со 1,55, Италија со 1,49, Канада со 1,37, Белгија со 1,30, Луксембург и Словенија со по 1,29 и на последното место е Шпанија со 1,28 проценти од БДП издвоени за одбранбени трошоци.

Од вкупните трошоци на Македонија за одбраната најголем процент или 43,9 отсто се наменети за плати на воениот персонал, по што следуваат 29,3 проценти за набавка на опрема, истражување и развој, 23 отсто за операции и одржување и други расходи и 3,8 проценти за инфраструктура. Сличен сооднос на распределбата на средствата има кај повеќето членки на НАТО, со исклучок на Португалија, Бугарија, Хрватска и Белгија каде над 50 проценти од трошоците се наменети за воениот персонал, Полска, Унгарија, Финска и Луксембург каде над 40 отсто се за опрема, истражување и развој и Шведска, САД и Данска кои над 40 отсто од средствата ги предвиделе за операции и одржување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот