Македонија ќе ги отвори границите, но во Владата се уште се мислат за ПЦР тестот

Јуни 2020 / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Единствено прашање за кое се чека одлука од владиниот Кризен штаб е дали за сите кои ќе влегуваат во земјава ќе биде задолжително или не да приложат негативен Пи-Си-Ар тест (PCR test) не постар од 72 часа.

Не е прашање на ден, туку на час, кога Владата на Македонија ќе донесе позитивна одлука за отварање на границите. Единствено прашање за кое се чека одлука од владиниот Кризен штаб е дали за сите кои ќе влегуваат во земјава ќе биде задолжително да приложат негативен Пи-Си-Ар тест (PCR test) не постар од 72 часа. Но, според праксата на некои земји од регионов, можно е тоа барање да биде активно како времена опција или пак да се укине целосно. Дел од владините членови се за укинување на граничното приложување на тој тест, велат владини извори за „Слободен печат“.

Токму денеска вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на својот Фејсбук профил напиша дека е време да се отворат границите во земјава без никакви ограничувања.

„Време е да ги отвориме аеродромите и границите без ограничувања!“, напиша Османи.

За отворањето на границите и условите под кои тоа ќе функционира, министерот за здравство, Венко Филипче, вчера кажа дека дополнително ќе биде разговарано во текот на денешниот ден, по што јавноста ќе биде информирана.

– Епидемијата е сè уште во полн ек, состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Ова повторно нè води до заклучок дека вирусот е тука, ќе мора да продолжиме да живееме со него и да се навикнеме на правилата за лична заштита и по тие правила ќе се функционира веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната. Сметам дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација, а тоа е додека вирусот е тука меѓу нас, мерките кои се воведени мора да се почитуваат. Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси и сите околу нас -рече Филипче.

Неодамна и самиот технички премиер Оливер Спасовски рече дека Владата и дала насоки на Комисијата за заразни болести да се разгледа и прашањето за отварањето на границите.

– Владата даде насоки на Комисијата за заразни болести да се разгледа и прашањето на отварањето на границите заедно и во соработка со Министерството за надворешни работи за да искоординираме и со соседните држави и со државите од регионот и пошироко. На основа на тоа ќе ги носиме и одлуките. Јас очекувам дека ќе ја донесеме таа одлука многу скоро и ќе можеме да имаме слободен проток на границите, изјави Спасовски.

Европската комисија им препорачува на членките на Европската Унија да одобрат отворање на границите со земјите од Западен Балкан од први јули, со оглед на, како што велат, добрата епидемиолошка состојба во регионот. Со оглед на важноста на регионот во однос на транспортот, рестартирањето на туристичките активности, Комисијата препорачува да се укинат рестрикциите на надворешните граници на ЕУ за земјите од овој регион штом истече рокот на тековната екстензија, односно 1 јули, изјави Илва Јохансон, еврокомесарка за внатрешни работи.

– Што се однесува до третите земји, Европската комисија смета дека одлуката за влезот на граѓаните зависи од епидемиолошката ситуација во земјата за која станува збор и дека не може во овој момент да се препорача целосно отворање на надворешните граници на ЕУ за сите. Таа одлука меѓутоа не важи за земјите од Западен Балкан – изјави Јохансон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот