Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Македонија без директен пласман следната сезона во ЕХФ Лигата на шампионите

Извршниот комитет на Европската ракометна федерација на својот состанок во Ротердам во сабота, 13 декември, го отвори патот за нова ера на европскиот клупски ракомет. Помалку од два месеци откако беше објавено дека Лигата на шампионите на ЕХФ за мажи ќе се прошири на 24 екипи и дека ќе се воспостави нов формат за ЛШ и ЕХФ Европската лига за мажи од сезоната 2026/27, Извршниот комитет го потврди системот за распределба на места за двете натпреварувања.

Основата за распределбата е рангирањето на федерациите за клупските натпреварувања, кое за сезоната 2026/27 вклучува резултати од сезоните 2022/23, 2023/24 и 2024/25.

Федерациите рангирани од 1 до 10 имаат едно директно место во натпреварувањето. За следната сезона овие федерации се Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка. Овие земји ќе го имаат правото да побараат по најмногу две вајлд-карти, а од овие барања ќе бидат прифатени максимум осум.

Македонија кој има пад една позиција и моментно е на 12 место на ЕХФ ранкингот, нема директен пласман во ЛШ. Македонскиот првак ќе може да бара вајлд карта за учество во елитното европско клупско натпреварување за сезоната 2026/27.

Отворени се четири вајлд-карти за барања од федерации што се без директно место во Лигата на шампионите, а останатите места ќе се разгледуваат од Европската ракометна федерација. Можностите вклучуваат доделување на местото на победниците на Лигата на шампионите и/или Европската лига. ЕХФ, исто така, го задржува правото да додели вајлд карти за учество, вклучително и на неевропски клубови.

24-те екипи ќе бидат извлечени во шест групи од по четири екипи. Вкупно 12 екипи ќе се квалификуваат за главната рунда од две групи од по шест екипи, по што ќе следат четвртфиналето и Фајнал-фор турнирот. Ждрепката за групите е планирана да се одржи на 26 јуни 2026 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот