Македонци го прославуваат Илинден во Овчарани, Грција / Фото: Фејсбук / Жаклина Пешевска

Македонците во Грција седум години чекаат Вселенскиот патријарх да им одговори за црковните служби на македонски јазик

Партијата на етничките Македонци во Грција, Виножито, повеќе од седум години чека одговор од вселенскиот патријарх Вартоломеј на нејзиното писмо во кое бараше да се воведат богослужби на македонски јазик во дел од црквите во северниот дел на Грција.

На писмото, испратено уште на 6 март 2019 година, денеска на „Фејсбук“ потсети Павле Воскопулос-Филипов, еден од лидерите на Македонците во Грција.

„Како православни христијани, етнички Македонци во Грција, бараме во нашите цркви да може да се применува и нашиот мајчин современ македонски јазик, кој припаѓа на поширокото семејство на јужнословенските јазици чија азбука е измислена во 9 век во Солун, од светите Кирил и Методиј“, пишува во барањето од Виножито до патријархот.

Виножито потсетува на грчката репресија од почетокот на минатиот век во однос на преименувањето на македонските села, на прогоните, на насилната промена на личните имиња, на уривањето на македонските православни храмови, на уништувањето на натписите на кирилица…

„По ратификацијата на Преспанскиот договор меѓу Република Грција и Република Северна Македонија, ние веруваме дека дојде време да се стави крај на неправдата врз домородното македонско малцинство, македонските православни христијани, етнички Македонци на територијата на Грција, за да можеме да си ги извршуваме нашите верски должности на нашиот јазик… Сакаме нашите луѓе да можат да пеат и да слушаат молитви на нашиот мајчин современ македонски јазик и да ги крштаваат нашите деца со нашите традиционални имиња – Зора, Софка, Стојанка, Борис, Златан, Дора, Стојко, Томе, Борка, Гоце, Велика, Кирил, Славе, Трајко, Стојан, Петко, Цвета, Трајчо, Трајанка, Ристо, Петко…“, се вели во писмото, кое седум години е без одговор.

ВИДЕО: Градоначалникот на Лерин лично забрани да се пее на македонски, луѓето го исвиркаа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот