Фото: Фејсбук / Павле Воскопулос / скриншот

ВИДЕО: Градоначалникот на Лерин лично забрани да се пее на македонски, луѓето го исвиркаа

Сериозен инцидент се случил за време на градската прослава на Коледе во Лерин завчеравечер, кога музичката група која настапувала пред стотици граѓани, почнала да свири македонска песна, по што градоначалникот Василеос Јанакис лично реагирал и ги спречил музичарите да ја изведат песната на македонски јазик.

Откако бендот дел од вечерта изведувал традиционални и модерни песни и композиции на грчки јазик, во еден момент музичарите ја почнале песната „Софка на татко“, градоначалникот Јанакис станал и отишол кај бината за да ја спречи песната на македонски јазик. Според сведоштва на Македонци кои биле на настанот, леринскиот градоначалник им укажал на музичарите да не ги пеат стиховите од песната, туку ако сакаат да ја изведат, само да ја свират во инструментална верзија.

Активистот Павле Воскопулос од партијата „Виножито“ на „Фејсбук“ објави снимка од инцидентот, на која се гледа како градоначалникот се расправа со членовите на групата „Ендопика“.

Дел од присутните, според сведоштвата, го исвиркале овој потег на градоначалникот.

Според Воскопулос, овој инцидент не е изолиран случај. Во објавата на „Фејсбук“ тој пишува дека Македонците во Леринско, Костурско и Воденско подолг временски период се соочуваат со различни форми на институционален и општествен притисок од страна на грчките власти.

„Станува збор за настан на Општина Лерин (Флорина), по повод познатиот Ден на огновите (Коледе), 23 декември, како своевидни претпразнични свечености, во празнична атмосфера. Обичајот на огновите на овој датум е карактеристичен и традиционален за македонските села. Оркестарот ‘Ендопика’ се осмели да изведе македонски песни. Со директна интервенција на градоначалникот беше забрането да се изведе било каква песна на ‘непостоечкиот’ (според умот на ‘Зулу’-властите) јазик. Со оваа забрана градоначалникот си постигна автогол. Дел од присутните јавно го исвиркаа поради одлуката“, вели Воскопулос.

Тој додава дека Македонците кои јавно говореле за своите права честопати биле етикетирани како „скопски агенти“.

„Сограѓанка од јужна Грција се осмели да запее македонска песна во Лерин – и тоа ѝ беше забрането. Добро е што не ја нарекоа ‘скопски агент’, бидејќи Македонците со години трпат вакви клевети“, пишува меѓу другото Воскопулос.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот