Луис Инасио Лула да Силва / Фото: EPA/EFE

Лула: Бразил ќе одговори со иста мерка на американските царини

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави дека неговата земја ќе одговори реципрочно на најавените царини од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој се повика на неодамна усвоен бразилски закон кој ѝ дозволува на владата да преземе пропорционални контрамерки, пренесе Си-ен-би-си.

Трамп вчера изјави дека САД ќе воведат царини на увозот од Бразил од 1 август, делумно како одговор на тековното гонење на поранешниот претседател на земјата, Жаир Болсонаро.

Во писмото, Трамп наведе дека новата стапка – огромно зголемување во однос на 10-процентната царина што САД ја наметнаа на увозот од Бразил на почетокот на април – е исто така одговор на „многу неправедните трговски односи“ меѓу двете земји.

Писмото до Да Силва следеше по писмата што Трамп неодамна ги испрати до други светски лидери, диктирајќи нови високи царински стапки на стоките што ги продаваат на САД.

Меѓутоа, писмото до Бразил оди подалеку од останатите, наметнувајќи нова царинска стапка на увозот во САД експлицитно како казна за земја која се занимава со внатрешни политички и правни прашања кои Трамп не ги одобрува.

Да Силва одговори на писмото, велејќи дека Бразил ќе одговори на царините во согласност со новоусвоениот закон за економска реципрочност.

– Бразил е суверена држава со независни институции, која нема да прифати да биде поучувана од никого, напиша Да Силва, цитиран од Си-Ен-Би-Си.

Вредноста на бразилската валута, реалот, падна за повеќе од два проценти во однос на американскиот долар по изјавата на Трамп.

Трамп и претходно упатуваше забелешки кон Бразил поради нејзиниот однос кон Болсонаро, гласен сојузник на американскиот претседател, кој е изведен пред суд поради неговата улога во наводен пуч чија цел беше да се поништи неговиот изборен пораз во 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот