Фото: Фејсбук

Луѓето чии животи згаснаа во пожарот во Кочани не се бројка, туку се судбини и личности, изјави Мицкоски

Исто така, тој се осврна и на солидарноста од граѓаните и херојското дејствување на сите медицински лица, волонтери и хуманитарни организации од Македонија, за кои истакна дека нема да бидат заборавени.

Во текот на своето излагање на денешната конференција посветена на годишнината од пожарот во Кочани, претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку се судбини и личности, а потоа ги прочита имињата на сите загинати, додавајќи дека денот на трагедијата за него бил најтешкиот ден во животот.

„Постојат настани во историјата на една држава што не се мерат со време, туку со болката што ја остваат зад себе. Токму таков настан е трагедијата во Кочани. Таа не е само трагедија на еден град, туку трагедија што ја потресе целата држава и која засекогаш ќе остане во колективното сеќавање на нашето општество“, рече Мицкоски при обраќањето на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува во Скопје.

Тој додаде дека одговорност на институциите и на граѓаните да се создаде систем кој нема да има пропусти и кој нема да доведе до нови трагедии.

„Тука сме собрани со чувство на длабока почит, но и со силно чувство на емпатија. Почит кон оние кои ги изгубија своите животи. Почит кон семејствата кои ја носат болката на загубата. Почит кон повредените кои веќе една година водат тивка и храбра борба за закрепнување. Но, истовремено, имаме и одговорност да се сеќаваме. Одговорност да учиме. И одговорност да создадеме системи кои ќе бидат посилни од пропустите што доведуваат до трагедии. Оваа конференција е обид трагедијата да се претвори во знаење, искуството да се претвори во лекција, а лекцијата во конкретни решенија“, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека една трагедија никогаш не завршува со денот кога се случила, оти за семејствата, како што вели, таа продолжува секој ден.

„Продолжува во празните столови на трпезата, во тишината во домот и во секое утро кога човек се буди со споменот на најтешката загуба. Затоа обврската на државата не е само да се сеќава, туку и да покаже дека знае да учи од трагедиите и да изгради систем кој ќе биде посилен, побезбеден и похуман“, кажа тој.

Потоа, Мицкоски ги прочита имињата на сите загинати во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, додавајќи дека луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку се судбини и личности.

Фото: Фејсбук

Премиерот изјави и дека трагедијата во Кочани оставила длабока рана во нашето општество, оти во една ноќ, како што вели, се прекинаа животи, се променија судбини и се отвори болка која ќе остане долго во сеќавањето на нашата држава.

„Во тие часови, цела Македонија застана. Веста се прошири со брзина која носеше неверување, страв и тага. Секој граѓанин ја почувствува тежината на настанот. Во тие моменти не постоеше ниту политика, ниту поделби. Постоеше само тишина и чувство на длабока загриженост за луѓето кои се бореа за живот. Трагедијата ги погоди најсилно семејствата кои ги изгубија своите најблиски. За нив времето се мери со спомените, со празнината која останува и со секојдневната борба да се продолжи понатаму“, вели тој.

Исто така, тој се осврна и на солидарноста од граѓаните и херојското дејствување на сите медицински лица, волонтери и хуманитарни организации од Македонија, за кои истакна дека нема да бидат заборавени.

„Кочани покажа дека има луѓе кои се тивките херои на нашата земја. Тоа се болничарите и докторите кои работеа, брзата помош, техничкиот персонал. Вo најтешките моменти, граѓаните покажаа дека општеството има сила да се обедини. Крводарителските центри беа исполнети со луѓе кои дојдоа да помогнат. Волонтери се јавуваа за поддршка на семејствата. Хуманитарните организации се мобилизираа. Лекарите и медицинските тимови работеа без прекин, со огромна посветеност и професионалност. Сакам од срце да ви честитам. Вам и на секој кој беше вклучен во оваа операција. Дома и во странство. Никогаш нема да бидете заборавени“, рече Мицкоски.

На крајот од обраќањето, ја посочи и меѓународната поддршка на партнерските држави и нивните здравствени системи, кои, како што вели, веднаш ја понудија својата помош.

„Обврска да се почитува споменот на жртвите. Обврска да се поддржат семејствата. Обврска да се продолжи борбата за закрепнување на повредените. И обврска трагедијата да се претвори во поука од која ќе произлезат посилни институции и побезбедно општество“, заклучи Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот