Локално и автентично | „Design&Tales“: Сонот ќе остане само сон ако не направиме нешто за да го реализираме

Драгица Чугунска-Џалева
Драгица Чугунска-Џалева / Фото: Приватна архива

Во јуни ги прашавме следачите на нашиот официјален инстаграм-профил @slobodenpecat да споделат со нас мали, автен- тични локални бизниси кои заслужуваат видливост, а не се во можност да одвојат буџет за рекламирање. Поставивме само еден услов: следбениците да имаат лично позитивно искуство со предлогот што ќе споделат.

Преку денешниот разговор ве запознаваме со Драгица Чугунска-Џалева, графички дизајнер и сопственичка на „Design&Tales“ – онлајн продавница која засега опстојува преку социјални медуми, а наскоро конечно ќе добие и свој официјален веб-сајт. Таа дизајнира и продава персонализирани нотеси, годишни и полугодишни планери и дневници за себеспознавање кои имаат за цел да го олеснат и подобрат нашето секојдневие.

„Jaс сум личност која подеднакво ужива во времето поминато сама со себе, но и со семејството и пријателите. Работам како графички дизајнер и контент креатор, многу сум љубопитна, сакам да запознавам нови луѓе и секој ден да учам нешто ново“, ни раскажува таа. „Како што поминува времето и созревам, сфаќам дека уживам во одредена рутина што си ја имам, веројатно и затоа обожавам планери“, вели Драгица.

Драгица Чугунска-Џалева
Драгица Чугунска-Џалева / Фото: Приватна архива

Што е „Design&Tales“? Какви услуги нуди? Што го прави автентичен овој мал бизнис?

– „Design&Tales“ започна како „хоби“ за време на карантините. Почнав со дигитално цртање портрети, правење постери и слично, коишто си ги објавував на мојот инстаграм-профил. Во ниеден момент не ни помислував дека ќе стигнеме овде каде што сме. Ги следев барањата што ги добивав тогаш и така една пријателка нарача персонализиран нотес за подарок. Така започна сè. Потоа почнав да подарувам персонализирани нотеси на другарките, така започнаа и нарачките. За многу брзо морав сама да се снабдам со машини, специјални ножеви и реквизити и да почнам да го сфаќам ова „хоби“ малку посериозно. Тоа што го мислам дека нè прави автентинтични е токму тоа што ние ја разбираме автентичноста на нашите клиенти. Често, наместо конкретна нарачка, добиваме опис на карактеристики на клиентот и според тоа сака да му се изработи нотес. Ова е предизвик, ама е и многу, многу забавно, затоа што на овој начин склопив голем број (виртуелни) пријателства и ја пуштив креативноста да работи на максимум.

Како и кога се роди идејата? Што беше клучно за да Ве охрабри да започнете сопствен мал бизнис?

– Идејата беше сосем спонтана. Немав ни најмалку идеја дека ќе фатиме ваков правец. Мислев дека „Design&Tales“ ќе стане платформа на која веројатно ќе можам да ја презентирам мојата работа како графички дизајнер, но понекогаш и непланираното носи многу слатки изненадувања. Ме охрабри побарувачката, но приказнава немаше да постои да не беше поддршката од сопругот кој ми помага навистина многу и ме мотивира, поттикнува и охрабрува кога знам да заглавам.

Драгица Чугунска-Џалева
Драгица Чугунска-Џалева / Фото: Приватна архива

Секој почеток знае да биде предизвикувачки. Раскажете ни, според Вашето лично искуство со овој бизнис, што сè надминавте за да бидете тука денес?

– Искрено ќе одговорам дека морав да надминам многу лични бариери. Научена да функционирам на работа со класично работно време, за почеток најголем предизвик ми беше да си го организирам работниот ден кој понекогаш знае да ми трае и 16 часа. Исто така, тоа што и мојата работа како дизајнер ја работам од дома, навистина ми е предизвик да направам баланс меѓу слободно време и работно време, работни и домашни обврски, но и за тоа има решение.

Кои грижи/стравови би ги класифицирала како „непотребни“ од денешна персектива?

– Сигурно сте слушнале за изреката „Стравот лозје чува“. Тоа што ми предизвикуваше страв од првиот момент кога почнав, сè уште е на листата, на пример: – Дали ќе им се допадне нотесот на клиентите? Дали ќе стигнам да завршам со сите нарачки до дадениот рок? Друго што на почетокот ми беше тешко и страв, беше да ставам цени на производите. Поради тоа што многу луѓе изгубија работа за време на пандемијата, а сега и поради промените во цените, секогаш многу внимавав на цените и најмногу се „потев“ кога требаше да ставам цена на одреден нотес. Од оваа перспектива сфатив дека најважно од сè е да го ценам вложениот труд и дека станува збор за производ кој е единствен и самото тоа нема цена.

Драгица Чугунска-Џалева
Драгица Чугунска-Џалева / Фото: Приватна архива

Сигурно има и работи кои ги занемаривте на почетоците, а се испоставиле како особено важни. Кои се тие?

– Понекогаш си мислам дека можеби не требаше да го водам инстаграм-профилот со толку емоции и лични приказни, дека сепак не е тоа мој личен блог. Веројатно требаше профилот да си оформи и задржи професионален тон, но веќе мислам дека не е можно поинаку.

Што е следно за „Design&Tales“?

– Многу долго работиме на нашиот веб-сајт, кој поради тековни работни обврски секогаш е во заден план. Сакаме да имаме наше виртуелно катче каде што освен што ќе може детално да се прочита за секој производ и да се направи нарачка, ќе имаме и блог каде што ќе се обработуваат теми за организација, личен и професионален раст. Замислени се неколку нови производи, но штом тоа стане конкретен план, ќе споделам.

Драгица Чугунска-Џалева
Драгица Чугунска-Џалева / Фото: Приватна архива

Што би му порачале на секој што се колеба да започне свој бизнис?

– Да направат добро истражување и да бидат смели. Сонот ќе си остане само сон ако не направиме нешто за да го реализираме. И секако, да бидат спремни да го „жртвуваат“ слободното време. За почеток, навистина бара многу добра организација и многу време.

Каде можат да те следат и поддржат нашите читатели?

– Сè уште функционираме само на истаграм-профилот @design_and_tales и фејсбук-страницата „Design&Tales“. Се обидувам да бидам активна и на „ТикТок“, исто под името @design_and_tales, но за таму ми треба повеќе време и план.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот