Фото: EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY

„Логор не ти бега ако те фатат како гледаш филм или серија“ – колку чини „слободата“ во Северна Кореја

Севернокорејци фатени како гледаат јужнокорејски серии или филмови ризикуваат години присилна работа, јавно понижување или дури и егзекуција, соопшти меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести интернешенел, пренесе Политика.

Во извештајот што организацијата го објави оваа недела се наведува дека податоците за казнените мерки се собрани во текот на 2025 година, врз основа на разговори со лица кои побегнале од Северна Кореја, претежно во периодот меѓу 2012 и 2020 година.

Тие во своите изјави опишале систем во кој пристапот до странска културна содржина е строго задушен, особено кога таа потекнува од Јужна Кореја.

Според Амнести интернешенел, гледањето или поседувањето јужнокорејски серии, филмови или музика може да биде казнето со пет до петнаесет години присилна работа, согласно Законот за антиреакционерна мисла и култура од 2020 година. Овој закон предвидува и многу построги казни, вклучително и смртна казна, за ширење големи количини ваква содржина или организирање групни гледања.

Амнести наведува дека егзекуции поради ширење странски видео-снимки биле пријавувани и пред усвојувањето на законот, што укажува на продолжување на репресивните практики.

Сепак, поради екстремните ограничувања на пристапот до информации и затворањето на границите во периодот меѓу 2020 и 2023 година, Амнести интернешенел наведува дека не е во можност независно да го потврди актуелниот обем на примената на смртната казна. Како што се наведува, консумирањето јужнокорејска содржина е, и покрај ризиците, широко распространето.

Сведоци велат дека ТВ сериите и филмовите се внесуваат преку УСБ-уреди, најчесто од Кина.

Неколку испитаници навеле дека чувствувале постојан страв од рации и произволни апсења. Специјализирана единица под назив „Група 109“ наводно врши претреси без налог, во домовите и на улица.

Посебна цел се мобилните телефони. Испитаниците тврдат дека агентите бараат мито за да се избегне испраќање во логори за превоспитување.

Станува збор за износи меѓу 5.000 и 10.000 долари, што претставува неколкугодишни плати за повеќето семејства, наведува „Фигаро“.

„Луѓето се апсат од иста причина, но казната зависи исклучиво од нивните финансиски средства“, вели еден од сведоците цитиран од Амнести интернешенел.

Во неколку сведоштва се зборува за јавни егзекуции наменети за „одвраќање на населението“, пренесува Танјуг.

Поединечни сведоци тврдат дека биле присилени да присуствуваат на сесии на „јавна критика“ во училиштата, за време на кои ученици обвинети за гледање странска содржина со часови јавно биле осудувани пред своите соученици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот