Линда Евангелиста за ракот на дојка: Поминав низ ужасни здравствени проблеми, среќна сум што сум жива
Канадската манекенка Линда Евангелиста проговори за сериозните здравствени проблеми во неодамнешното интервју за луксузното месечно списание „Вол Стрит Журнал магазин“.
Препорачано
Имено, во последните пет години, на познатата манекенка двапати ѝ бил дијагностициран рак на дојка, а првата дијагноза ја добила во 2018 година.
„Тоа беше откриено за време на редовен годишен мамограф. Наодите не беа добри, а поради други здравствени фактори без двоумење решив да направам мастектомија. По процедурата мислев дека го решив проблемот. Но, во 2022 година почувствував грутка и сфатив дека ракот се вратил“, изјави Евангелиста.

По втората дијагноза, Линда инсистирала докторот да отстрани сѐ.
„Ископај дупка во моите гради, не мора да изгледа убаво, сакам да ја ископаш што е можно подлабоко. Сакам да видам дупка во моите гради кога ќе завршиш. Дали ме разбираш? Не сакам да умрам од ова“, се присетила манекенката.

Иако сега, како што вели, се ослободила од ракот, сѐ уште стравува дека еден ден ќе ѝ се врати.
„Знам дека сум ‘со една нога во гроб’, но го славам животот. Поминав низ ужасни здравствени проблеми и среќна сум што сум жива. Секој нов ден за мене е бонус“, изјави таа.



