Лина Ѓорческа ќе ја претставува Македонија на „Били Џин Кинг“ купот во Скопје

Фото: mtftennis.mk

Тениските возбудувања во Скопје на терените на ТК Југ продолжуваат во следниот период со мечевите на женските репрезентации во рамките на Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот. Македонија ја има улогата на домаќин, а покрај нашата репрезентација се уште 10 други. Вкупно 11 репрезентации ќе бидат дел од натпреварувањата кои ќе се играат од 19 до 24 јуни. Дел од репрезентациите се веќе пристигнати во Скопје и тренираат, додека комплетирањето е предвидено за утрешниот ден.

11-те селекции ќе бидат поделени во две групи (со 6 репрезентации една група и со 5 репрезентации втората група). Двете првопласирани репрезентации од групите во сабота (24.јуни) ќе го играат финалето, а победникот ќе се пласира во Втората зона од ова натпреварување.

Македонија ќе биде предводена од нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа, а покрај неа во составот се уште: Магдалена Стоилковска, Александра Симева, Ана Митевска и Ива Данева, а селектор е Димитар Лабудовиќ.

Според рангот улогата на носители на групите ќе ја имаат селекциите на Луксембург и на Финска, кои минатата година испаднаа од Втората Евро-африканска зона, додека репрезентацијата на Сан Марино по 26 години пауза повторно е дел од ова натпреварување, другите осум селекции и минатата година играа во Третата Евро-африканска зона.

Ранг листа на земјите учеснички во Скопје:

  1. Луксембург (66 место)
  2. Финска (75)
  3. Кипар (82)
  4. Македонија (83)
  5. Црна Гора (84)
  6. Молдавија (91)
  7. Ерменија (95)
  8. Албанија (98)
  9. Исланд (101)
  10. Азербејџан (106)
  11. Сан Марино (без ранг)

Извлекувањето на групите ќе се одржи утре (недела) во попладневните часови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот