фото/Nick Potts / PA Images / Profimedia

Мундијалот сè уште има сила да ги обедини луѓето околу една топка

Во денешниот свет, сè поретко доживуваме заеднички моменти. Секој живее во својот свет, со свои интереси и приказни. Она што го гледаш ти на телефон е сосема различно од она што го гледа твојот пријател. Останаа малку работи што можат да го свртат вниманието на целата планета кон едно место.

Токму затоа Светското првенство е посебно.

Без разлика дали живееш во Скопје, Буенос Аирес, Токио или Казабланка, без разлика дали навиваш за фаворитот или за аутсајдерот, целиот свет тие неколку недели зборува за истите случувања. За головите, драмите, судиските одлуки, за хероите и трагичарите, Светското првенство е еден од ретките настани што сè уште успева да го сплоти целиот свет, да нè собере пред ист екран и да нè натера да ги чувствуваме истите емоции.

Ова светско првенство ќе биде поголемо од кога било

За првпат ќе настапат 48 репрезентации. Ќе се одиграат повеќе од сто натпревари во три држави, на огромни стадиони пред милиони гледачи. Некои ќе кажат дека е премногу и квалитетот на фудбалот ќе се намали, но едно е сигурно, никогаш немало повеќе приказни на едно место.

Тоа е убавината на фудбалот. Долго време ги гледавме едните исти репрезентации, истите фаворити и ѕвезди. Сега ќе имаме можност да се запознаеме со нешто ново. Нови имиња, нови култури, репрезентации што ретко добиваат шанса на најголемата сцена.

Можеби таму ќе се роди најубавата приказна на турнирот

Секое светско првенство носи нови херои, од Жист Фонтен во 1958, до Фабио Гросо во 2006 и Тим Крул во 2014. Играчи за кои не се зборувало пред почетокот на турнирите. Можеби ќе се прослави некој млад напаѓач од Гана, или голман од Курасао, па одеднаш ќе стане име што целиот свет ќе го дознае и дел од историјата на Мундијалите.

Во клупскиот фудбал веќе речиси сè е предвидливо. Ги знаеме играчите, трансферите и буџетите. Сè поретко гледаме некоја приказна како Лестер во 2016 или пак Порто на Мурињо во 2004. Секој ден има анализи и статистики на социјалните мрежи, а со тоа се намалува возбудата што треба да ни ја донесе фудбалот.

Но Светското првенство е сосема различно од ова.

Секој мундијалски натпревар носи тежина, еден гол може да донесе славје на цела нација. Нема следен викенд, нема поправен испит, има само 90 минути. И затоа, Мундијалите остануваат запаметени со децении.

Секој љубител на фудбалот има свој омилен момент од Светско првенство. Постарите навивачи не го забораваат Мундијалот во Мексико 1986, додека помладите се навраќаат на вувузелите од Јужна Африка во 2010 и доминацијата на Аргентина во Катар 2022.

Најчесто Светското првенство е она што сме го доживеале како деца. Тогаш играчите се суперхерои, а натпреварите се филмови. Но и со текот на времето, како што стануваме повозрасни, таа магија што ни ја носи Мундијалот никогаш не заминува. Секој натпревар се дочекува со надеж дека ќе сме сведоци на некој нов момент, дали тоа би било гол од 30 метри, спектакуларен дриблинг или одбрана во 90. минута.

Тие моменти се причината зошто толку го сакаме фудбалот, зошто на улиците гледаме деца со дресови од нивните херои, дали тоа би бил Меси, Роналдо, Нејмар или пак некој друг.

Светското првенство е повеќе од турнир, тоа е културен настан. Во тој период, сите зборуваат за кој против кого игра, за формации и тактики. Луѓе што не следат фудбал одеднаш знаат кој е најдобриот стрелец и кои се главните играчи. Во тие денови фудбалот е заеднички јазик.

Мундијалот сè уште има сила да ги обедини луѓето околу една топка.

Можеби токму затоа неговото значење не се намалува и покрај сите промени во модерниот спорт. И покрај милијардите евра, маркетингот, технологијата и социјалните мрежи, суштината останува иста.

Единаесет против единаесет.

Сон против сон.

Нација против нација.

А меѓу нив милиони навивачи кои веруваат дека токму оваа година може да биде нивна. Тоа е вистинската магија на Светското првенство. Не само головите. Не само трофејот.

Туку чувството дека сме дел од нешто поголемо. Затоа, без разлика кого поддржувате и какви се вашите очекувања, дозволете му на фудбалот повторно да ве изненади.

Можеби токму на овој Мундијал ќе ја добиете приказната што ќе ја паметите цел живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот