Фото: vfmkd.org.mk

Македонските одбојкари во Атина ќе го играат вториот турнир од Европската лига

Машката одбојкарска сениорска репрезентација денеска патува за Атина, Грција, каде викендов ќе ги одигра натпреварите од вториот турнир од Европската лига 2026.

Селекторот Јошко Миленкоски нема да прави промени во составот, односно истите 14 одбојкари на кои сметаше за воведните два дуели од годинешното издание ќе ги има на располагање и за натпреварите со Грција, односно Исланд.

Средниот блокер на националниот тим Филип Савовски, сезоната ја помина во дресот на грчкиот клуб Панатинаикос, со кој ја освои двојната круна, а сега со дел од своите соиграчи ќе ги измери силите на репрезентативно ниво.

– По солидното отворање на Европската лига против Холандија и Луксембург во Струмица сега фокусот е на вториот турнир во Атина. Имав одлична сезона во грчкото првенство со Панатинаикос, а сега се враќам таму со националниот тим. Грција како ривал добро ја познаваме, се соочивме со неа и во минатогодишното издание, како и во европските квалификации. Го имаат задржано истиот тим, кој е особено квалитетен, но верувам и во нашите можности. Како екипа можеме да играме со секој противник доколку сме на висината на задачата. Мислам дека многу работи ќе зависат од нас во Атина, од нашето издание и од тоа што ние ќе покажеме и на двата натпревари. Против Грција сигурно нема да бидеме фаворити, а тоа ни оди во полза. Што се однесува до Исланд, тие се екипа од послаб ранг, ги анализираме, а ќе имаме и можност да го гледаме нивниот натпревар со Грција, по што сигурен сум дека во договор со стручниот штаб ќе поставиме тактика со која ќе успееме да си ја реализираме посакуваната цел – победа. Се надевам дека вториот турнир ќе биде поуспешен за нас – рече Савовски во пресрет на новите предизвици во Евролигата.

Нашите најдобри одбојкари в петок попладне ќе го одработат првиот официјален тренинг. Првиот натпревар ќе го играат во сабота од 19.00 часот против Исланд, додека в недела, во истиот термин ќе се соочат со Грција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот