Лига Европа: Металург загуби по вторпат од Чеховски Медведи
Вечерва во својот седми натпревари играчите на Металург го претрпеа и шестиот пораз во Европската лига, овојпат во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје со 32:37 загубија од Чеховски Медведи.
Препорачано
Ниту еднаш во текот на средбата не беше во водство составот на Оливер Димитриоски, неизвесно резултатски беше само на почетокот, кога двапати доаѓаше до „минус еден“ (1:2, 2:3).
Потоа ривалите направија серија и до крајот на првото полувреме константно одржуваа три-четири голови разлика, додека највисоката позитива ја имаа во вториот дел стигнувајќи и до „плус шест“ (20:26, 21:27).
Последната сила на домаќините беше во самиот финиш на средбата кога се доближија до 32:34, но до крајот на средбата рускиот претставник го скрши отпорот постигнувајќу уште три гола и го постави конечниот епилог.
Најрасположен во домашните редови беше Тарабокиа со девет погодоци, два помалку имаше Митиќ, додека на спротивната страна за Русите шест гола беа дело на Осташченко и пет на Кисељев.
Моментно на табелата во групата „А“ остануваат на последната шеста позиција „сино-белите“ од Автокоманда со само еден бод, додека Чеховски Медведи е на третото место со осум бодови после четвртата победа.


