Личен климатизер: Научниците создадоа облека на соларна енергија

Фото: Pexels / MART PRODUCTION

Научниците успеаја да создадат паметна облека со соларна енергија која функционира како личен климатизер. Можностите за примена се многубројни, од употреба во области со екстремни временски услови на Земјата, до изработка на специјална облека за живеење и работа во вселената, пишува „Индепендент“.

Системот користи флексибилна соларна ќелија и електронски апарат, кои заедно формираат облека што му овозможува на телото да се прилагоди на промените во температурата на околината.

Традиционалната облека што ја користиме за да нè заштити од студот или топлината може да стане премногу тешка за носење во услови на климатски промени, забележуваат производителите на паметна облека. Во уште поекстремни услови, како на пример да се биде во вселената или на други планети, обичната облека е недоволна заштита.

Облеката што брзо се прилагодува за да издржи и екстремно топли и екстремно студени услови може да биде од витално значење за оние кои живеат во опасни животни средини.

Во трудот за адаптивна облека, научниците велат дека системот може да се интегрира во конвенционалната облека. Кога ќе се инсталира, уредот може да обезбеди ладење од 10,1 степени Целзиусови, но и да одржува температура за 3,2 степени Целзиусови повисока од температурата на кожата.

Ова значи дека системот може да ги држи луѓето во удобна температурна зона помеѓу 32 и 36 степени Целзиусови, дури и кога надворешната температура варира помеѓу 12,5 и 37,6 степени Целзиусови.

Исто така, системот е ефикасен, бидејќи обезбедува 24 часа користење со само 12 часа сончева светлина.

„Технологијата отвора многу можности за развој на активно контролирани, преносливи самонапојувани локализирани системи за управување со топлина и проширување на човековата адаптација на непријатни средини и жестоки услови“, нагласуваат истражувачите во трудот.

Според нив, можно е да се замисли иднина во која управувањето со топлината е изводливо во сите временски услови. Исто така, снабдувањето со енергија не би било ограничено, а дополнителната собрана енергија би можела да напојува дури и други електронски апарати под посебни услови.

Технологијата на оваа паметна облека е опишана во трудот кој е објавен во списанието „Саенс“ (Science).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот