Амир Мециновиќ, фото: принтскрин од прес-конференција на Левица

Левица предлага здравствена заштита за фриленсерите и хонорарците

Левица ќе поднесе предлог-измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кои според партијата ќе значат адресирање на долгогодишен системски проблем – исклучувањето на десетици илјади граѓани од здравствена заштита.

Како што рече пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, станува збор за фриленсери, хонорарци, лица на договор на дело, слободни уметници и невработени, кои поради постоењето на праг на приходи остануваат без здравствено осигурување.

„Во Македонија има една голема група на граѓани кои не се опфатени со здравствена заштита. Тоа се луѓе на договор на дело, хонорарци, луѓе со паушални примања, фриленсери, слободни уметници. Ако сте невработен и вашиот брачен партнер има примања над мизерниот праг од 24.000 денари месечно, вие повторно нема да имате здравствено осигурување. Дури и ако човек изгуби работа и ја продаде својата кола за да обезбеди сигурност за семејството, ќе го изгуби здравственото осигурување. Значи, наместо државата да ве заштити кога сте најранливи, таа се однесува како предатор“, рече Мециновиќ.

Како што кажа, имаме ситуација каде што обичните граѓани плаќаат околу 33% давачки на своите приходи, додека „оние со милионски заработки плаќаат само до одреден праг од околу 1,1 милион денари годишно, а над тоа не плаќаат ништо“.

„Имаме случаи каде што луѓе пријавиле 19 милиони денари приходи, а платиле давачки само до тој праг. Зошто тие се привилегирани, а сите други плаќаат? Со овие две измени ќе направиме рез на оваа дискриминаторска политика ќе го избришеме прагот за здравствено осигурување и ќе обезбедиме фер систем на давачки“, дополни тој на прес-конференција.

Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски пред неколку месеци спомена дека е започнат процес на преоценување на критериумите за здравствено осигурување – на иницијатива на Фондот, а со одлука на Влада.

Фондот за здравство најави мерки: Околу 477.000 луѓе имаат бесплатно здравствено осигурување, а работат во сива економија

„Целта на преоценувањето е да се намали ризикот од злоупотреба и посебен фокус е основот за осигурување за ‘лица со пониски и повисоки примања, а не се вработени (невработени лица)’. По тој основ се осигурани околу 477.000 луѓе“, соопшти тогаш Фондот.

Целта за овој основ, како што рекоа, е да се опфатат не само активните баратели на работа, туку и лицата кои не се формално вработени. Ризикот од злоупотреба, рече Фондот, се луѓе кои неформално работеле во сива економија и луѓе кои живееле или приходите им се во странство.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот