Левица по средбата со ОБСЕ: Ќе бараме правна заштита од цензурата врз нашата партија
Адвокатката Катерина Јовановска од правниот тим на Левица оствари средба со правниот аналитичар во ОБСЕ-ОДИХР, Радивоје Грујиќ, на која се разговараше за правните механизми и идните чекори на партијата во врска со контроверзното упатство на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за локалните избори 2025 година, соопшти партијата.
Препорачано
„На средбата се дискутираше за правните механизми кои Левица, како политичка партија, досега ги презема во врска со контроверзното Упатство за радиодифузерите за Локалните избори 2025 година донесено од АВМУ, со кое ПП Левица е директно оштетена на начин што ѝ е забрането политички да се рекламира на медиумите во текот на целата кампања, како и за правните чекори кои Левица ќе ги превземе во иднина со цел заштита на своето уставно право на политичко организирање и дејствување“, се вели во соопштението.
Средбата беше многу конструктивна, се додава во соопштението, и двете страни изразија желба за понатамошна соработка со цел навремено информирање во однос на исходот од судските постапки, како и постапките што се водат пред другите надлежни институции во Република Македонија и евентуално пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.


