Лекции од 18. век: Како Австриската империја се борела со епидемијата пред развојот на модерната медицина? (ФОТО)
Во борбата против епидемијата на ковид-19 многу можеме да научиме од примерот на Хабсбуршката империја, која во 18. век воспоставила „санитарен кордон“ на својата граница со цел да се спречи ширењето на заразните болести од Отоманското царство, пишува Вол Стрит џурнал.
Препорачано
„Санитарниот кордон“ е еден од најуспешните системи на карантин воспоставен во Европа пред развојот на модерната медицина, но сепак не бил доволен за да го спаси животот на австирскиот император Јосиф, кој починал во април 1711 година од сипаници.

Императорот се заразил бидејќи бил во контакт со еден од своите министри чија ќерка била заболена, во време кога концептот на „социјално дистанцирање“ сеуште не бил познат. Во негова чест, осмата област во Виена е именувана Јосиф. Сепак, малку подоцна, Австриската империја ги засилила мерките, кои испорачале задоволителни резултати.
Што е „санитарен кордон“?
Во тоа време Хабсбуршко-Отоманската граница била јасно одвоена со илјадници километри реки, планински врвови и гранични бариери кои биле поставени од билатерална мировна комисија. Оваа зона била милитаризирана уште од поодамна со утврдени кули и воени гарнизони чија улога освен одбрана на империјата од турски напади, била и спроведување на граничарски должности, односно проследување на христијаните кои бегале од Отоманските власти, во карантин.
Споредено со модерните граници на САД, кои денес ги обезбедуваат преку 21.000 припадници на граничната стража на мексиканската и канадската граница, границата на Австриската империја кон Отоманското царство која имала длабочина од десетина милји ја бранеле 100.000 Срби и локални Хрвати во шаренолики униформи.

До средината на 18. век, две илјади утврдувања биле изградени на секоја половина милја по должината на целата граница, испрекинати со 19 гранични премини. На овие премини биле шареноликите српски и хравтски граничари чија улога била да ги регистрираат, вдомат и стават во карантин од најмалку 21 ден сите оние кои барале влез во Австриската империја. Просториите за карантин биле секојдневно дезинфицирани со сулфур.

Дека правилата на карантинот биле сериозно и строго спроведувани сведочи и еден англиски современик кој напишал „Доколку се осмелите да ги прекршите законите на карантинот, ќе ви биде судено како на воен суд. Судот ќе ви ја изрече казната на одалеченост од 50 метри, за потоа да бидете стрелани и брзо закопани.“
Во 1770 година, владетелката Марија Тереза поставила санитарен кордон на границите помеѓу Австрија и Отоманската Империја, за да ги спречи заразените лица и предметите да ја поминат границата.

Памукот и волната биле чувани во складишта по неколку недели, а ги чувале селани на кои им било платено да спијат во истите простории, па ги набљудувале дали нешто невообичаено ќе им се случи, односно дали се заболени. Оние кои патувале биле сместени во карантин од 21 до 48 дена. Санитарниот кордон бил зачуван до 1871 година, што спречило развивање на каква било епидемија на оваа територија, за разлика од териториите на Отоманската империја, каде населението често страдало од зарази се до средината на 19 век.
До 1881 воената краина на Хабсбуршката империја служела за повеќе намени, но во борбата против епидемијата била посебно важна, сепак, ретко споменувана. Најмалку пет пати разни епидемии кои го коселе населението во Отоманското, но и Руското царство, биле успешно спречени со помош на оваа граница.
Од оваа пракса бил воодушевен и Наполеон, па „санитарниот кордон“ во воената краина бил сочуван по анексијата на овие области од страна на Француската империја.


