Лекарската комора не може да му ја одземе лиценцата на д-р Игор Кузмановски, зашто моментално тој нема активна лиценца

Лекарската комора не може да му ја одземе лиценцата на разрешениот директор на Клиниката за неврологија доктор Игор Кузмановски затоа што тој моментално нема активна лиценца, дознава „Слободен печат“.

Откако на 15 март 2025 година му истекла лиценцата, тој барањето за нејзино продолжување го поднел дури минатата недела и постапката за лиценцирање му е во процедура во Лекарската комора. На страницата на Лекарската комора каде што се објавени списоците на лекарите кои располагаат со лиценца за работа, името на Кузмановски не фигурира.

Поднесеното барање од доктор Кузмановски за продолжување на неговата лиценца е во процедура, изјави тој самиот за „Слободен печат“. Прашањата што му ги упативме се дали е точно дека лиценцата му истекла на 15 март 2025 и дека минатата недела побарал нејзино продолжување во Лекарската комора, дали работел како специјалист по неврологија во меѓупериодот без лиценца и зошто не ја продолжил на време. Прашавме и дали има законска можност избрано и именувано лице какво што Кузмановски беше до петокот, да не ја продолжи лиценцата во времето додека е директор.

-Поднесов за продолжување, во процедура е. На невролошки конгрес сум во Охрид во организационен одбор. Ве молам во овој тежок период за мене да ме поштедите, срце и душа давам за работата – ни рече докторот во порака.

На сајтот на Лекарската комора е наведено дека доктор на медицина кој не ја обновил или продолжил лиценцата за работа во законски предвидените рокови, повторно може да се стекне со лиценца за работа ако помине дополнителна обука и успешно ја заврши дополнителната посебна проверка на стручните знаења и способности пред испитна комисија на Комората.

Лиценцата за работа се издава за период од седум години. Барањето за обновување на лиценцата за работа по правило се поднесува најмалку 30 дена пред истекот на важноста на лиценцата за работа, што значи дека Кузмановски требало да побара продолжување на 15 февруари.

Кузмановски беше разрешен од директор во петокот, два часа откако на социјалните мрежи беше објавена снимка на која тој зборува за купување кокаин додека изгледа како да подготвува „линии“ за шмркање во домашна атмосфера. Викендов анонимно писмо потпишано наводно од „колеги од Клиниката за неврологија“ го најде својот пат до медиумите, а во него за Кузмановски беше изразена поддршка, но оние кои го испратиле не собраа храброст да се потпишат на него. Сепак, како што дознаваме од наши извори во Клиниката за неврологија, утринава имало состанок во болницата каде што било договорено да се испрати друго писмо како официјален став на Клиниката за неврологија.

Во одговор на нашето прашање, Државниот здравствен и санитарен инспекторат наведе дека досега до нив не е доставена претставка од пациенти која би се однесувала на незадоволство од работата на професор д-р Игор Кузмановски од ЈЗУ УК за неврологија.

Лекарската комора викендов информираше дека со загриженост ги следи информациите поврзани со д-р Игор Кузмановски и укажува дека докторската професија има специфична димензија која налага високо етичко и морално однесување.

Лекарот е обврзан во професионалниот и во приватниот живот да ги негува и да ги покажува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Конкретниот случај и расположливите информации поврзани со него ќе бидат разгледани од страна на органите и телата на Комора кои ќе постапат согласно надлежностите, наведоа оттаму.

Лекарската комора му ја одзеде лиценцата на анестезиологот од Тетово Ваљтон Дервиши во април 2023 година, во времетраење од 7 години за етички прекршок во работењето затоа што тој снимаше и објавуваше снимки од пациенти и вработени од тетовската болница на „Тикток“. Процедурата за одземањето на неговата лиценца одеше во органите на Лекарската комора – прво во Комисијата за етички прашања па во судот на честа на ЛК кој ја одзеде истата.

Кузмановски беше назначен за директор на Клиниката за неврологија на 8 август годинава, на местото на Фатмир Меџити кој како што објави „Слободен печат“ едновремено додека бил директор бил и хонорарец на Министерството за здравство од каде примал 1.000 евра месечен хонорар.

Етичкиот кодекс на лекарите во членот 62 пропишува етичко начело за професионалниот лик на лекарот. Во овој член се споменува и професионалниот и приватниот живот на лекарот.

„Лекарот во професионалниот и во приватниот живот ги негува и ги покажува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Лекарот е свесен дека за секој несоодветен, лекомислен, нечесен и понижувачки акт ги компромитира сите други колеги“ пишува во етичкиот кодекс на лекарите.

ВИДЕО: Се појави снимка од директорот на Неврологија со кокаин, Алиу експресно го разреши

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот