Лекар открива честа грешка што ви го уништува сонот во зима
Со падот на температурите, многумина имаат проблеми со спиењето, а еден лекар укажува на најчестата причина за тоа. Според насоките на Британската национална здравствена служба (NHS), квалитетниот сон е клучен за менталното здравје – го подобрува расположението, го намалува стресот и помага при анксиозност, а на возрасните им се препорачуваат од седум до девет часа сон.
Препорачано
Д-р Гарет Нај, лекар и предавач по биомедицински науки на Универзитетот во Салфорд, вели дека една навика често го нарушува ноќниот одмор – прегреаната спална соба. Иако во студените зимски ноќи изгледа логично да се засили греењето, токму тоа може да има спротивен ефект, пишува „Експрес“.
Грешка што го нарушува природниот процес на заспивање
„Еден дел од процесот на заспивање е падот на внатрешната телесна температура. Пониските температури во просторијата обично овозможуваат подобар сон, но наглите студени бранови можат да предизвикаат тресење и непријатност“, објаснува д-р Нај.
Кога спалната соба е премногу топла, телото потешко се лади.
„Тоа го попречува природното намалување на внатрешната температура што му сигнализира на мозокот дека е време за спиење. Просторија што ни изгледа пријатна пред да легнеме, подоцна може да доведе до немирен сон, бидејќи телото мора повеќе да се труди за да ја регулира топлината“, додава тој. Последиците често се будење со чувство на жештина, потење и немир во раните утрински часови.
Идеална температура и загревање на креветот
Ова, секако, не значи дека треба да спиете во студ. Фиби Стрит, експертка за сон од компанијата Pretty You London, вели дека најдобро е просторијата да биде постудена, а креветот – топол.
„Најпријатната температура за спиење е помеѓу 16 и 18 степени. Подобро е да се загрее креветот отколку целата соба во текот на ноќта. Кратко користење термофор под јорганот може да ја отстрани почетната студеност. Долги, лесни пижами и постелнина во повеќе тенки слоеви овозможуваат подобра контрола на топлината без прегревање“, советува таа.
Значењето на топлите стапала
Д-р Нај нагласува дека и стапалата имаат поголема улога отколку што мислиме.
„Кога стапалата се топли, крвните садови се шират, што му помага на телото полесно да ослободува топлина и да ја намали внатрешната температура – сигнал за започнување на сонот“, вели тој.
Се повикува на истражување од 2018 година кое покажало дека луѓето што спиеле со чорапи заспивале во просек седум минути побрзо, спиеле подолго и се буделе поретко од оние без чорапи.
„Најдобро е тие да бидат од природни материјали и да не стегаат, бидејќи тесните чорапи ја попречуваат циркулацијата и имаат спротивен ефект“, заклучува лекарот.


