Ѓокица Лукаревски/Фото: „Десо“

Легендата на македонското глумиште Ѓокица Лукаревски денеска го слави 75. роденден

Еден од најпрепознатливите актери на македонскиот театар и телевизија, актерот Ѓокица Лукаревски, денеска го прославува својот роденден. Со кариера која трае речиси 50 години, Лукаревски останува синоним за професионализам и уметнички континуитет, оставајќи неизбришлива трага кај многу генерации гледачи.

Роден на 29 април 1951 година во Скопје, својот професионален пат го започнува во класата на проф. Илија Џувалековски на Факултетот за драмски уметности. Веднаш по дипломирањето, во 1977 година, станува дел од ансамблот на Драмски театар – Скопје, матична куќа на која ѝ остана верен сè до неговото пензионирање во 2018 година.

Во текот на децениите, Лукаревски соработуваше со најголемите режисерски имиња како Слободан Унковски, Љубиша Георгиевски и Коле Ангеловски. Неговиот актерски сензибилитет, кој се движи од силна драматичност до специфичен комичен израз, му овозможи да изгради карактерни ликови кои станаа дел од театарската антологија.

Ѓокица Лукаревски/Фото: Вангел Тануровски

Пошироката јавност го памети Лукаревски не само по неговите театарски достигнувања, туку и по неговиот силен телевизиски ангажман. Тој беше долгогодишно заштитно лице на култниот квиз „Само кеш“, а неговиот глас стана дел од секојдневието преку бројните синхронизации на телевизиски серии. За својата популарност во овој сегмент, во деведесеттите години беше прогласуван за најпопуларно ТВ-лице од страна на списанијата „Екран“ и „Вечер“.

Признанија за врвни достигнувања

Богатата биографија на Лукаревски е крунисана со бројни награди. Покрај актерските признанија на фестивалот „Војдан Чернодрински“, во последните неколку години неговиот придонес беше верификуван со неколку награди за животно дело, меѓу кои „Анче Џамбазова“ и „Свети Јоаким Осоговски“.

Ѓокица Лукаревски
Ѓокица Лукаревски / Фото: Скриншот, Јутјуб

Како врв на неговото творештво, во 2024 година, актерот беше одликуван со Орден за заслуги за Македонија, со што државата му оддаде официјално признание за неговата посветеност кон уметноста и културниот идентитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот