Легендарниот Тони Паркер станува тренер на клубот на кој е сопственик?
Тони Паркер сè поотворено се поврзува со преземање на тренерската позиција во АСВЕЛ, а од Франција веќе пристигнуваат информации дека се крои и составот на неговиот стручен штаб.
Препорачано
Според најавите, поранешниот НБА шампион е подготвен да направи нов чекор и да седне на клупата на клубот со кој раководи, а како клучен соработник се споменува искусниот Венсан Коле. Станува збор за тренер со кого Паркер долго време соработуваше во репрезентацијата и од кого, практично, ги учеше првите тренерски лекции.
Паркер веќе извесен период не ја крие амбицијата да влезе во тренерските води, а ангажманот во АСВЕЛ се наметнува како природна следна фаза, имајќи предвид дека токму тој е првиот човек на клубот. Дополнително, тој постепено гради искуство, дел беше од стручни штабови во НБА, а наскоро ќе ја преземе и селекцијата на младинската репрезентација на Франција до 17 години, што ќе му биде прв посериозен предизвик во новата улога.
По разочарувачката сезона, особено на европска сцена, во клубот се чувствува потреба од свеж почеток. Токму затоа, ваквиот потег се гледа како обид за рестарт и стабилизација, со јасна намера да се изгради поконкурентен тим.
Доколку плановите се реализираат, Паркер ќе направи интересен потег и од сопственик директно ќе премине во тренер, со амбиција лично да ја води трансформацијата на тимот.


