Џон Ф. Кенеди Помладиот со Дарил Хана / Фото: Profimedia

„Лажно ме прикажаа, никогаш не сум користела дрога“: Дерил Хана ја нападна серијата за Џон Кенеди Помладиот и Керолин Бисет

Актерката Дерил Хана остро ја критикуваше серијата „Љубовна приказна: Џон Ф. Кенеди Помладиот и Керолин Бисет“ (Love Story: John F. Kennedy Jr. & Carolyn Bessette), тврдејќи дека начинот на кој е прикажана во неа е „лажен“ и навредлив.

Во гостински есеј објавен во „Њујорк тајмс“, Хана ја нападна серијата на телевизиската мрежа Еф-икс, создадена од Рајан Марфи, оценувајќи ја како телевизиска продукција што „експлоатира трагедија“.

Актерката, која во раните 1990-ти години била во врска со Џон Ф. Кенеди Помладиот, пишува дека ликот што ја претставува во серијата е намерно создаден како „антагонист“ во љубовната приказна меѓу Кенеди и Керолин Бисет.

Според неа, ликот на „Дерил Хана“, кој во серијата го толкува актерката Дри Хемингвеј, е прикажан како личност што ја нарушува нивната врска.

„Раскажувањето приказни бара тензија. Често бара и пречка. Но вистинска, жива личност не е наративен реквизит. Во ваквиот пристап постои и родова димензија. Популарната култура со години возвишува одредени жени така што други ги прикажува како ривалки, пречки или негативци. Зарем не е класичен пример на мизогинија кога една жена се руши за да се изгради друга?“, напиша Хана.

Таа додава дека откако почнала да се емитува серијата, добила многу непријателски, па дури и заканувачки пораки од гледачи кои веруваат дека приказот во серијата е вистинит.

„Кога забавната индустрија ќе го позајми името на вистинска личност, тоа може трајно да влијае врз нејзината репутација“, истакнува актерката.

Хана особено реагира на сцени во кои нејзиниот лик е прикажан како личност што користи дрога, организира забави со кокаин и се појавува непоканета на комеморација.

„Ликот ‘Дерил Хана’ прикажан во серијата воопшто не е верна претстава за мојот живот, моето однесување или мојата врска со Џон“, пишува таа.

„Постапките и однесувањата што ми се припишуваат се невистинити. Никогаш во животот не сум користела кокаин ниту сум организирала забави со дрога. Никогаш не сум вршела притисок врз некого за брак. Никогаш не сум уништила семејна реликвија ниту сум се појавила непоканета. Никогаш не сум пласирала приказна во медиумите. Никогаш не сум ја споредила смртта на Жаклин Оназис со смрт на куче. Згрозена сум што воопшто морам да се бранам од телевизиска серија. Ова не се креативни украси на карактерот, туку тврдења за моето однесување, а тие се лажни“.

Актерката додава дека иако е навикната на јавниот живот и на медиумските шпекулации, нејзиното молчење не значи дека се согласува со невистините.

„Знам дека сум како актерка во јавноста. И претходно сум се соочила со апсурдни лаги, лоши приказни и непријатни описи. Наместо да се борам со нив, избрав да се посветам на работата и да ја зачувам приватноста на моите блиски. Но моето молчење не треба да се толкува како согласување со лагите.“

Во текстот таа спомнува и дека семејството Кенеди отсекогаш било многу приватно и дека таа секогаш ја почитувала нивната желба за дискретност.

„Многу луѓе веруваат во она што го гледаат на телевизија и не прават разлика меѓу драматизација и вистински факти – а последиците не се апстрактни. Во дигиталната ера, забавата често станува колективна меморија. Вистинските имиња не се измислени алатки. Тие им припаѓаат на вистински животи“, нагласува Хана.

Актерката открива и дека нејзиниот однос со Жаклин Кенеди Оназис не бил толку негативен како што се прикажува во серијата. Таа се присети на совет што некогаш го добила од неа.

„Таа ми рече дека таблоидите, списанијата и весниците често продаваат апсурдни лаги, но дека следниот ден тие стануваат само хартија за подлога во кафез за птици. Тогаш тие зборови ми донесоа голема утеха. Но денес веќе не важат.“

И покрај критиките, серијата „Љубовна приказна: Џон Ф. Кенеди Помладиот и Керолин Бисет“ (Love Story: John F. Kennedy Jr. & Carolyn Bessette) стана најгледаната мини-серија на стриминг за каналот Еф-икс, со повеќе од 25 милиони часови гледање на платформите Дизни плус и Хулу во првите пет епизоди.

Во серијата Пол Ентони Кели го толкува ликот на Џон Ф. Кенеди Помладиот, Сара Пиџон ја игра Керолин Бисет, Наоми Вотс се појавува како Жаклин Кенеди, а Алесандро Нивола како модниот дизајнер Келвин Клајн.

Американската бајка со трагичен крај: Љубовната приказна на Џон Кенеди Помладиот и Керолин Бисет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот