Љајиќ: Можно е спорното оружје од Србија во Ерменија да е извезено пред 5 години
Министерот истакна дека формално – правно во тој случај нема прекршоци или грешки на Србија, зошто Ерменија не била под санкции на ОН, ОБСЕ, ЕУ или било која друга организација или некоја држава.
Министерот за трговија на Србија Расим Љајиќ рече дека спорното оружјето кое се појави во ерменско-азербејџнските судири, можно е да е извезено од Србија во 2015 година.
Препорачано
„Во 2020 година, во мај и јуни, Србија одобри два договори за извоз на оружје во Ерменија и во прашање беше муниција за пушки и пиштоли. Во претходниот период, во 2015 година, мислам дека имаше и извоз од тој вид оружје за кое зборува Азербејџан“, изјави Љајиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Љајиќ, чие министерство во Србија издава крајна дозвола за извоз на оружје, рече за РСЕ дека ги прегледал и старите договори.
Министерот истакна дека формално – правно во тој случај нема прекршоци или грешки на Србија, зошто Ерменија не била под санкции на ОН, ОБСЕ, ЕУ или било која друга организација или некоја држава.
Додаде дека Србија, според транспарентноста на извозот на оружје, е секогаш меѓу првите пет земји во светот, но дека во иднина, покрај формално – правна, во предвид ќе ја зема и меѓународната и политичката компонента.
„Ова се работим кои во иднина треба да се одбегнуваат, не ни требаат несогласувања со било која земја“, рече Љајиќ.
Тој претходно изјави дека вредноста на извозот на оружје во 2020 била помала од милион евра, а пред да издадат дозвола, позитивно мислење за извоз мора да дадат и министерството за надворешни работи, одбрана, внатрешни работи и Безбедносно- информативната агенција.
Министерството за надворешни работи на Србија во овој случај до сега не се огласи, пишува РСЕ.
Дипломатските односи на Србија и Азербејџан се растресени на 19 јули, пишува РСЕ, кога интернет порталот Haqqin.az, означен како близок до властите во Азербејџан, објави тврдења дека минофрлачите од српско производство, како и муницијата за нив, ѝ се испорачани на Ерменија преку Грузија, а потоа употребени во смртоносните судири на ерменско-азербејџанската граница, на 12 јули.
Министерството за надворешни работи на Азербејџан потоа ја повика на разговор вршителката на должност во Амбасадата во Србија, Даница Веиновиќ.
„Се сретнав со вршителката на должност на Србија во Азербејџан. Отворено им реков дека имаме точни информации за тоа што било, и српската страна би требало да го истражи овој случај“, им рече вчера на новинарите заменик министерот за надворешни работи на Азербејџан Калаф Калафов.
Тој нагласи дека минофрлачи и друго оружје од српско производство кое се користи против пограничните населби во таа земја и нејзините војници, што е утврдено со прелиминарната истрага на Азербејџан.
„Во меѓународното право постои либерализам за потеклото на добра. Меѓутоа, ситуацијата е поинаква во поглед на потеклото на оружјето. Извозот на тоа оружје би требало да биде под контрола на земјата производител“, рече заменик министерот за надворешни работи на Азербејџан.


