Лајчак: Го ценам интересот на Вашингтон, но дијалогот меѓу Белград и Приштина мора да го води ЕУ

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Мирослав Лајчак рече дека го цени интересот на Вашингтон за дијалог меѓу Србија и Косово, но дека процесот мора да го води Европската унија затоа што тоа е „крајна дестинација за вклучените страни“.

„Ја ценам добрата волја на сите наши американски пријатели и нивните напори да помогнат. Во исто време, важно е да се разбере дека процесот во односите Косово-Србија мора да го води Европската унија. Бидејќи Унијата е крајната дестинација за вклучените страни. Јасно е дека активностите на САД исто така се одраз на изборниот календар. Сепак, како што реков, ние ја поздравуваме секоја помош“, рече Лајчак за словачкиот весник „Правда“.

Според Радио Слободна Европа, тој рече дека е важно да се види што ќе се случи со инфраструктурните проекти, како што се патиштата и железниците, наведени во договорите за економска нормализација потпишани од Србија и Косово во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон во септември.

Сите овие проекти веќе постојат во плановите на Унијата и се финансираат. На пример, таканаречениот „мировен автопат“ од Ниш во Србија до Драч во Албанија. Американскиот придонес го гледаме како обид да се влезе во процес со дополнителни средства. Во тој случај, може да биде добро. Комисијата и Соединетите држави во моментов разгледуваат што може да се направи“, рече Лајчак.

Тој додаде дека е многу внимателен кога станува збор за идеалното сценарио на процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина, како и дека ЕУ може да се движи толку брзо како што можат нејзините партнери.

„Унијата не е заинтересирана да го забави процесот, но не е можно ниту да се забрза. Сепак, верувам дека зборуваме за месеци, а не за години“, рече Лајчак.

Нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, како што рече, е еден од трите предизвици на Западен Балкан.

„Пред две години рековме дека имаме три големи предизвици во регионот. Прашањето за името на Македонија е решено. Ако продолжиме да ги нормализираме односите меѓу Косово и Србија, тогаш би можеле да обрнеме целосно внимание на прашањето како треба да функционира Босна и Херцеговина“, рече специјалниот пратеник.

Лајчак пристигна денес во Приштина, по што ќе дојде во Белград.

(Извор: Бета)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот