Квартален извештај на ТИ: Политичка волја има, но ниско е нивото на спроведување на препораките за спречување корупција во политиките и постапките за вработување

Фото АРхива

Постои политичка волја за остварување на препораките, но за да може да постојат конкретни видливи резултати институциите мора да се координираат и со заедничка соработка да преземаат конкретни мерки за доследна имплементација на препораките. Владата и МИОА почнаа веднаш да преземаат дел од активностите за исполнување на препораките, но нивото на спроведување се уште е многу ниско, што е очекувано со оглед на краткиот временски период.

Ова е главниот заклучок од првиот тримесечен извештај на „Транспаренси Интернешенл Македонија“ од мониторингот над спроведување на препораките од проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам”, што со холандска помош се спроведуваше во периодот од октомври до декември во 2020 година.

– Ова е еден долг и комплексен процес, од кој импактот треба да биде позитивен и за институциите и за граѓаните, а воедно непосредно се одразува и на намалување на корупцијата во постапките за пополнување на работните места. Факт е дека реформите во јавната администрација се долг процес кој зависи од бројни фактори, но факт е дека само квалитетна јавна администрација, во која вработените и функционерите се избираат на транспарентен начин, без можност за влијание на непотизмот, клиентелизмот и кронизмот може да даде видливи резултати. Затоа, што поскоро е потребно исполнување на овие препораки, рече Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија на денешната прес-конференција.

Целта на овој мониторинг, додаде таа, е да се воспостави континуитет во следење на спроведување на препораките, да се согледа на кој начин надлежните институции ги прифатија наодите во Извештајот и кои мерки и активности се преземаат од институциите.

– Со мониторингот се опфатени сите 40 препораки со наведени 147 активности. И покрај тоа што во препораките е предложен подолг период за нивно целосно спроведување, кај повеќето тоа е период од една година, сепак ние во овој период од три месеци извршивме следење на дел од активностите кои надлежните институции ги преземаа, а кои се однесуваат или може да влијаат на спроведувањето на препораките, рече Тасева.

Таа нагласи дека мониторингот е спроведен врз основа на анализа на јавни извори на податоци како што се соопштенијата од „Службен весник“, соопштенија и документи објавени на ЕНЕР, огласи за вработувања во јавниот сектор објавени на веб страната на Агенција за администрација, соопштенија објавувани од страната на Министерството за информатичко општество и администрација и соопштенија и одлуки објавени на веб страната на Владата.

– Надлежните институции треба да продолжат, заедно да се заложат и координирано да работат на делотворно спроведување на препораките и во координирано следење на нивното спроведување. Во таа насока можат да се создадат работни групи за изнаоѓање на решенија за спроведување на препораките, кои директно и непосредно ќе се преземаат од страна на надлежни чинители, а со тоа и ќе се одразат на квалитетот на работата на јавните органи во сферата на анализираните области, посочи Тасева.

На тој начин, додаде Тасева, ќе се обезбеди поголемо разбирање за очекуваните промени и организиран пристап во спроведување на препораките, што ќе создаде услови за подобрување на состојбите во сферата на вработувањата.

– Тоа како краен ефект може да придонесе кон создавање ефикасни и ефективни јавни органи и зајакнување на професионализацијата и интегритетот на административните службеници, што директно се очекува да влијае и на намалување на можноста од коруптивни влијанија во постапките за пополнување на работните места. Во насока на натамошно организирано и ефективно следење на спроведувањето на овие препораки, надлежните институции треба да се задолжат навреме да ја известуваат ДКСК за преземените дејствија кои се поврзани со препораките и активностите, потенцира Тасева.

Прецизира дека од вкупниот број препораки, 47 отсто се спроведени делумно, додека 53 отсто не се спроведени. Највисоко ниво на почеток во спроведување на препораките е застапено кај препораките во првата група, од кои во првиот квартал реализацијата делумно започнала кај 74 отсто. Во втората група делумно започнало спроведувањето на 25 отсто на препораките, во третата група спроведувањето започнало кај 50 отсто од препораките, додека во четвртата група само 15 отсто од препораките започнале со спроведување.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска истакна дека правото на вработување е еднакво за сите и уставно е загарантирано.

– Бројните анкети за жал покажуваат дека кај граѓаните постојат сериозни сомнежи за злоупотреби, корупција, партиски влијанија, непотизам, кронизам, поради кој огромен број високо образовани кадри ја напуштија земјата барајќи си достоинствено работно место соодветно на струката и образованието што го имаат, рече Ивановска.

Таа нагласи дека вработувањето излезе и како еден од високите ризици во Националната стратегија за борба против корупцијата.

– Тоа го определивме како една ризична област што се сретнува во сите ризични сектори. Затоа се јави потребата да се изработи оваа анализа и да се дадат голем број на конструктивни препораки за кои се очекува да ги испочитуваат националните авторитети и да преземат конкретни активности, потенцира Ивановска.

Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски посочи дека кварталниот извештај доаѓа прилично рано, ако се има предвид дека претходно, како што рече, имавме нефункционални институции по една година нефункционално Собрание и техничка влада, а политичката волја, додаде, веќе е покажана со почеток на реализација на препораките, иако е неопходно позабрзано да се следат препораките.

– Ова е покрупна реформа која бара време за подготовки и собраниски процедури, но политичката волја е целосно на страна на носење на овие крупни законски решенија и сметам дека заеднички и со ваш придонес да го искористиме овој период за Советот за реформи на јавна администрација да продолжи засилено со работа и да се донесат решенијата кои веќе сме ги испорачале и доставиле, рече Николовски.

Во овој период, додаде, бевме фокусирани на институционалната реорганизација на системот.

– Сметам дека треба да ги јакнеме клучните институции. Токму затоа даваме целосна поддршка на проектот за да ги забрзаме тие работи и конечно да имаме резултати и од проектот за институционална реорганизација кој ќе ги даде другите препораки за реорганизација на јавната администрација, рече Николовски.

Препораките, посочи, даваат добар патоказ по кој треба да се движиме  и треба да направиме се за нивната имплементација за да ги промениме состојбите во општеството.

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шакири нагласи дека токму една од четирите општи цели на Стратегијата за реформа на јавната администрација е професионална и департизирана администрација и враќање на доверба на граѓаните во институциите.

– МИОА во изминатиот период интензивно работеше за спроведување на мерката за намалување на ризици од политизација преку воведување јасни критериуми и транспарентност при изборот на најдобар кандидат во процесот на вработување и надгледување, рече Шакири.

Во постапките на селекција при вработување, потенцира, внимателно беа разгледани и содржани новите текстови на закони за административни службеници и законите за вработување во јавниот сектор.

– Во извештајот се наведува дека делумно се спроведени 47 отсто од препораките, а 53 отсто не се спроведени. МИОА е вклучена како надлежна институција која директно и индиректно е задолжена за имплементирање на 40-те препораки. Потенцирам дека поголемиот дел од препораките се имплементирани и нормативно уредени во новите предлог закони или се предвидени да бидат имплементирани во подзаконски акти кои ќе произлезат од нив, рече Шакири.

Дел од препораките ќе бидат имплементирани, како што кажа, и во законот за висока раководна служба и законот за организација на органите на државна управа што наскоро треба да се донесат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот