Квалификации ЕП: Македонските кошаркари поразени од Италија!

Ненад Димитријевиќ се наоѓа во поширокиот список на селекторот Александар Јончевски/Фото: kfsm.mk

Македонската кошаркарска сениорска репрезентација денеска во Перм во својот вкупно трет натпревар од квалификациите за Европското првенство, а прв во „балонот“ во Перм, го претрпе и третиот пораз овојпат од Италија со 92:84.

Избраниците на селекторот Александар Тодоров одлично му парираа на фаворитот вкупно три четвртини (23:25, 20:16, 21:22), но во финишот падна концентрацијата, тоа го искористи противникот кој успеа да ја освои последната делница со 20:29.

„Само“ два поени предност имавме на истекот на првото полувреме (43:41). Прв дел од играта во кој Македонија ја надигра Италија. Особено во вториот период во кој „царуваше“ Ненад Димитријевиќ. Младиот бек на нашата репрезентација изгледаше незадржливо за противничката одбрана. Нашиот стартен бек креираше одличен почеток за дебитантот во нашиот тим, Џејкоб Вајли. Со неговите поени по осум минути од играта, Македонија поведе со (17:16).

Не го финиширавме првиот период како треба (заостанувавме два поени, 23:25). Но, затоа со серијата (11-2) која ја креираше токму Димитријевиќ, Македонија поведе со дотогаш, највисоки (34:27). Намалија ривалите на 34:36, но со нова мини-серија од (7:1) и по тројката на Ѓуроски, бевме најдалеку во однос на противникот. На 1:40 минути до одморот имавме „плус осум“ (43:35).

Фото: kfsm.mk

Позитива која тешко ја стекнавме, а многу брзо ја загубивме. Му дадовме нов „кислород“ на противникот кој се врати по вторпат. Сега за да намали на „минус два“, (41:43), како што беше по 20 минути од играта во салата „Молот“ во Перм.

Имавме пет скока помалку во однос на фаворитот, и четири помалку уфрлени шутеви за три поени, што заедно со лошата изведба на слободните фрлања беа и нашите најголеми недостатоци во играта во првото полувреме, кои не ни „дадоа“ да имаме поголем плус. Со серија од (9-0) во само две минути, Италија одново го превзема водството. Имаа „плус пет“ (72:67), што беше и нивната најголем предност во тој дел од мечот во Перм. Но, по третата тројка на Трајковски израмнивме на (72:72).

За момент затоа што со неколку точни удари од далечина за три поени, Италија одново се одвои на (80:74). Димитријевиќ нè врати уште еднаш, со негова помош и поентирањата на Вајли и В. Стојановски, се доближивме на половина поен негатива (79:80).

Фото: kfsm.mk

До крајот имаше да се одиграат дури 4:26 минути, за жа нашите најслаби на премиерата во Перм. Италијанците се покажаа како подобри финишери. По техничката грешка на нашиот најдобар играч, Димитријевиќ, во последните две минути противникот влезе со недостижни (89:81) кои ги претвори во триумф.

Одличен во нашите редови беше Димитријевиќ со 24 поени (12 асистенции), следен од Вајли кој реализираше 17 поени, а В. Стојановски постигна 15 поени. За „аѕурите“ доминираше Теситори со 18 поени, а Спису запиша 13 поени (девет асистенции).

Наредниот меч „црвено-жолтите“ утре од 15.30 часот по македонско време против домаќинот Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот